
Пивото несомнено е еден од најомилените алкохолни пијалоци во летниот период, особено кога температурите се високи, а потребата за разладување е зголемена. Сепак, иако освежително, пивото носи скриени калории кои може лесно да се претворат во вишок килограми – особено ако се пие без контрола.
Во потрага по нешто ладно и пријатно за вкусовите, најчесто посегнуваме по чаша или кригла пиво. Но ретко кој размислува за нутритивната вредност и калориската содржина на овој популарен пијалок. Според податоците на американското Министерство за земјоделство (USDA), во 100 мл стандардно лесно пиво има околу 43 килокалории, што значи дека со една кригла од 500 мл внесуваме околу 220 калории – приближно исто како да сме изеле две сарми.
Пивото не е само алкохол. Тоа содржи витамин Б и мали количества минерали како магнезиум, фосфор и калиум, кои се корисни за организмот. Темните пива, пак, иако се похранливи со антиоксиданси поради полифенолите, во себе содржат повеќе алкохол и значително повеќе калории.
Некои научни истражувања објавени во списанието Nutrients посочуваат дека умерената консумација на пиво, особено со ниска содржина на алкохол, може да има позитивно влијание врз здравјето на срцето, намалувајќи го ризикот од коронарна срцева болест и подобрувајќи го липидниот профил. Сепак, авторите на студијата предупредуваат дека овие ефекти се забележани кај лица кои водат здрав животен стил и не претеруваат со пијалокот.
Исто така, некои истражувања го поврзуваат умереното пиење пиво со намален ризик од дијабетес тип 2 и одредени невродегенеративни заболувања. Но, овие наоди сè уште се предмет на дебата и бараат понатамошни, сеопфатни анализи.
Пораката е јасна – пивото не мора да се исфрли од менито, но неговото консумирање треба да биде умерено и свесно. Во спротивно, она што започнува како „ладно задоволство“ во жешките денови, лесно може да прерасне во калориска стапица.