Skip to main content
Македонија

Крај за печатите во пасош: ЕУ стартува со дигитална регистрација на патници од трети земји

31/07/2025  00:04

Европската Унија од 12 октомври започнува со постепено воведување на нов дигитален систем за евиденција на влезот и излезот на државјани од трети земји. Станува збор за модерен систем кој ќе ги собира биометриските податоци – отпечатоци од прсти, фотографии од лицето и податоци за патувањето – заменувајќи го досегашниот систем на печатирање пасоши.

Новата технологија има цел да го подобри управувањето со надворешните граници на ЕУ и да обезбеди сигурни податоци за движењата преку граничните премини. Системот ќе овозможи автоматско откривање на прекршувања како што се пречекорен престој, злоупотреба на патни документи и идентитет.

Ваквиот пристап е дел од напорите на Унијата за спречување на нерегуларната миграција и зајакнување на безбедноста на европските граѓани. Воедно, се очекува патувањето да стане побрзо и поедноставно за оние што ги исполнуваат условите, преку зголемена автоматизација на граничните контроли.

Системот ги исполнува највисоките стандарди за заштита на лични податоци и приватност, а земјите-членки ќе го имплементираат постепено во период од шест месеци. По завршување на тој период, тој ќе биде целосно оперативен на сите надворешни гранични премини на ЕУ.