
Шумски пожари што беснеат низ Турција со недели му се заканија на четвртиот по големина град во земјата, Бурса, во северозападна Турција, денеска принудувајќи повеќе од 1.700 луѓе да ги напуштат своите домови, а веќе има еден загинат еден пожарникар.
Пожарите што избувнаа во пошумените планини околу Бурса се проширија брзо. Десетици големи шумски пожари ја погодуваат земјата секој ден од крајот на јуни, а владата во петокот прогласи две западни провинции, Измир и Билеџик, за зони погодени од катастрофа.
Канцеларијата на гувернерот на Бурса денеска објави дека 1.765 луѓе се безбедно евакуирани од село на североисток, додека повеќе од 1.900 пожарникари се борат со пламените јазици. Автопатот што ја поврзува Бурса со главниот град Анкара беше затворен бидејќи околните шуми беа во пламен.
– Пожарникарот почина од срцев удар додека беше на работа, изјави градоначалникот на градот, Мустафа Бозбеј, додавајќи дека пламените јазици изгореле 3.000 хектари околу градот. Орхан Сарибал, опозицискиот парламентарец за покраината, ја опиша сцената како „апокалипса“.
Министерот за шумарство Ибрахим Џумакли изјави дека противпожарните екипи низ целата земја се справуваат со 84 одделни пожари. Северозападниот дел од земјата беше под најголема закана, вклучувајќи го и Карабук, каде што шумските пожари беснеат од вторник.
Невообичаено високите температури за оваа сезона, сушните услови и силните ветрови ги поттикнуваат пожарите.
Генералниот директорат за метеорологија објави дека југоисточната покраина Ширнак во Турција ја забележала највисоката температура досега од 50,5 степени Целзиусови во петокот. Највисоките температури во јули се забележани на уште 132 локации.
Четиринаесет лица загинаа во последните недели, вклучувајќи 10 доброволни спасувачи и шумари кои загинаа во пожар во Ескишехир во западна Турција. Министерот за правда Јилмаз Тунч изјави доцна во саботата дека обвинителите ги истражуваат пожарите во 33 покраини и дека се преземени правни мерки против 97 осомничени.