
На денешниот 16. по ред „Марш на ангелите“ што се одржа во Кочани, родителите на трагично загинатите деца во пожарот што се случи во дискотеката „Пулс“ на 16 март оваа година, упатија остар јавен повик до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал (ОЈО ГОК), од кое бараат отчет за текот на истрагата и можниот обвинителен предлог против над 20 полициски службеници од ОВР Кочани и СВР-Штип.

Маршот започна во 18:05 часот од Паркот на револуцијата и заврши пред зградата на Основниот суд и Обвинителството во Кочани. Главната порака што ја испратија родителите и семејствата беше: „Слушнете го гласот на оние што повеќе не можат да зборуваат“.
Искажана беше длабока фрустрација поради, како што наведуваат, „целосната незаинтересираност“ на надлежните институции и забавената постапка за утврдување одговорност кај полициски службеници кои, според нив, не презеле навремени и соодветни дејствија за спречување на трагедијата.
Една од мајките, во обраќањето пред Општина Кочани, нагласи дека денешниот датум симболично се поклопува со годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје од 1963 година, кога животот го загубија голем број луѓе. Таа потенцираше дека, покрај сеќавањето на таа национална трагедија, овој ден сега е и симбол на најголемата цивилна катастрофа во поновата историја на Македонија – пожарот во „Пулс“, во кој животот го загубија 62 деца, над 200 беа повредени, а повеќе од 300 останаа трајно психолошки и емоционално обележани.
Родителите, освен критика до институциите, упатија и разочарување од слабиот одѕив на граѓаните, особено на семејства кои, како што велат, претрпеле слична загуба, но не се приклучиле на маршот.
„Блазе им на оние што заминуваат на летни одмори со своите деца. Ние на нашите деца фрламе вода врз гробовите, за да ги разладиме“, рече една од мајките, повикувајќи ги обвинителите да прекинат со, како што наведе, развлекување на постапката и да го преземат својот дел од одговорноста.
Со овој марш, родителите уште еднаш потсетија дека сеуште чекаат правда – не само за своите деца, туку и за сите жртви на системскиот пропуст што, според нив, кулминирал во ноќта на 16 март 2025 година, која засекогаш ќе остане запишана како ден на национален срам и колективен неуспех.