
Село во близина на Ниш утрово беше потресено од страшно злосторство — 75-годишниот пензиониран офицер Милан Р. е осомничен дека ја убил својата сопруга Миланка Р. (74) во нивниот семеен дом, без јасен мотив и без претходни најави на каков било конфликт.

Како што дознава српскиот портал Курир.рс, наводно, Милан ја избодел сопругата со нож, нанесувајќи ѝ смртоносни повреди. Инцидентот се случил во утринските часови, а истрагата е преземена од припадници на Министерството за внатрешни работи во Ниш.
На осомничениот му е одреден притвор до 48 часа, по што ќе биде изведен пред Вишото јавно обвинителство во Ниш со кривична пријава за кривично дело — убиство.
Соседите од селото Доњи Матијевац, каде што се случи убиството, велат дека се во шок и не можат да поверуваат што се случило. Еден од нив, Драган Мрстиќ, изјави за медиумите:
„Многу ми е тешко. Тие беа достоинствени и мирни луѓе. Никогаш не сум слушнал кавга меѓу нив. Тој беше офицер, работеше во Македонија, често пиевме кафе и ракија. Ја слушнав тажната вест во продавницата — велат ја убил, ја заклал. Не можам да верувам.“
Семејната куќа е запечатена од полицијата, а локалните жители во неверување гледаат кон домот каде што никогаш досега не се слушнал ниту збор на расправија. Куќата, велат, сега е „засекогаш обвиткана во црно“.
Мотивот за убиството сѐ уште не е утврден, а истрагата продолжува.