Skip to main content
Македонија

Вработените во МРТ без вода две недели – опасност од зарази, никој не реагира

18/07/2025  13:05

Во административниот комплекс на Македонската радио телевизија (МРТ) во кој се сместени повеќе државни институции и органи, веќе повеќе од две недели нема редовно водоснабдување. Тоалетите не функционираат, ходниците се полни со непријатна реа, а вработените алармираат на можни здравствени ризици пишува мета.мк.

Со објектот управува Службата за општи и заеднички работи на Владата, а директорот Ивица Томовски објаснува дека проблемот е во низок притисок на водата од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

„Објектот има 18 спратови и дневно во него престојуваат околу 1.000 луѓе. Притисокот е само 1,5 бари, а треба да биде најмалку 3. Не можеме да обезбедиме нормални услови без стабилен довод на вода“, вели Томовски за Мета.

Од ЈП „Водовод и канализација“ велат дека проблемот е во внатрешната инсталација и хидрофорните пумпи на зградата.

„Нашите екипи утврдија дека зградата има пумпи по трет спрат, кои треба да се прилагодат за зголемување на притисокот. Внатрешната инсталација не е во наша надлежност“, соопштија од претпријатието.

Во меѓувреме, проблемот претставува сериозен хигиенски предизвик, особено на високите летни температури. Медицински експерти предупредуваат дека лошата хигиена може да доведе до појава на бактерии и ширење на болести како дијареја, респираторни и кожни инфекции.

Иако ризикот е очигледен, досега нема пријава до Државниот здравствен и санитарен инспекторат, кој би можел да наложи мерки за заштита.

Институциите погодени од проблемот: Македонска радио телевизија и повеќе државни органи кои функционираат во истиот објект.