
Почетокот на судскиот процес против Раде Трајковски, познат како Штекли, и уште девет лица обвинети за организирана трговија со дрога е одложено за 7 август.
Судот претходно информираше дека Трајковски бил во неконтактибилна и дезориентирана состојба, поради што бил итно пренесен во болница, но подоцна стигна информација дека неговото транспортирање се одложило поради потреба од полициска асистенција.
Судијата посочи дека судот не може да чека цел ден да се однесе обвинетиот на лекар и го презакажа рочиштето за почетокот на август. Обвинителството, во меѓувреме, ја навести и можноста за ново психијатриско вештачење откако обвинетиот доставил мислење дека не е способен да го следи процесот.
Станува збор за случај што произлегува од долготрајна истрага спроведена од Обвинителството за гонење организиран криминал, во која првично беа опфатени вкупно 16 лица. Дел од нив веќе склучија спогодби со обвинителството и добија затворски казни, а главното рочиште треба да ги опфати останатите десетмина обвинети. Според обвинението, групата функционирала со јасно утврдена структура, а дрогата се чувала во изнајмени станови и се продавала на црниот пазар по однапред утврдени цени. Комуникацијата меѓу членовите се одвивала преку мобилни апликации, а клучни докази биле обезбедени преку анализа на телефонски уреди со специјализиран софтвер.