
Во пресрет на традиционалната манифестација „Пиво-фест 2025“, која ќе се одржи во Прилеп во текот на претстојниот викенд, од 18 до 20 јули 2025 година, претставници од Управата за јавни приходи (УЈП) реализираа едукативна работна средба со стопанствениците и со закупците на штандови кои ќе учествуваат на оваа манифестација.
Целта на средбата беше запознавање на учесниците со законските обврски што произлегуваат од даночната регулатива, со акцент на практичната примена на одредбите од Законот за регистрација на готовински плаќања, Законот за данокот на додадена вредност и Законот за данок на личен доход. Претставниците на УЈП им ги појаснија на присутните дејствијата кои треба да ги преземат со цел целосно усогласување со постојните даночни прописи.
Управникот на Регионална дирекција Прилеп, Александар Мирчески, во изјава за медиумите појасни дека како и претходната година, така и годинава на средбата со стопанствениците, угостителите, закупците на штандови превентивно им беше укажано на доброволно почитување на даночните закони.
„Сите стопанственици и закупци на штандови кои вршат промет со разновидни производи и услуги – како што се пијалаци, храна и други производи, имаат законска обврска да користат одобрен фискален апарат во доволен број. За секоја реализирана продажба, задолжително е издавање фискална сметка на купувачот. Дополнително, согласно со законските обврски, на секој штанд должни се на видно место да истакнат соопштение со кое ќе го информираат купувачот за неговата обврска да бара фискална сметка.“- рече Александар Мирчески – Управник на РД Прилеп.
Присутните беа потсетени и на обврската да го евидентираат дневниот промет во книгата на дневни финансиски извештаи навремено, а средствата од реализираниот промет да ги уплатат на трансакциска сметка кај деловна банка најдоцна до следниот ден.
Во рамки на средбата беа презентирани и одредбите од Законот за данокот на личен доход кои се однесуваат на закуподавците. Претставниците на УЈП објаснија дека пријавувањето на доходот од издавање во закуп или подзакуп на недвижен имот на неколку дена на друго физичко лице, задолжително се врши до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој имотот е даден во закуп или подзакуп со поднесување на електронска пресметка и докази преку системот е-Даночни услуги.
Управата за јавни приходи континуирано врши контроли на терен на цела територија на државата. За стопанствениците кои нема да издаваат фискални сметки или нема да ги почитуваат законските обврски, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно Законот за прекршоци, Законот за регистрирање на готовински плаќања и Закон за даночна постапка.
Со ваквите едукативни активности, а во соработка со општина Прилеп, Управата за јавни приходи ја продолжува својата заложба за унапредување на даночната култура, зајакнување на доброволното усогласување и градење партнерски однос со даночните обврзници. За сите кои имаат потреба од поддршка можат да се обратат на:
е – пошта: infо@ujp.gov.mk
фиксен: 0800 33 000 мобилен: 02/3253200