Skip to main content
Хроника

Муса Џавит кој го уби армискиот офицер и понатаму е недостапен за правдата – се бара со меѓународна потерница за две убиства

15/07/2025  09:59

Бегалецот Муса Џавит, кој е осомничен дека минатата недела го застрела и усмрти армискиот офицер пред селото Батинци, се уште не е пронајден и, според сознанијата на истражните органи, најверојатно ја напуштил земјата.

Од Министерството за внатрешни работи за ТВ 24 потврдуваат дека Џавит веќе подолго време се бара со меѓународна потерница за претходно извршено убиство, а откако е осомничен за ново кривично дело, по него се трага со засилена меѓународна акција.

„Нашите служби се во континуирана соработка и контакт со безбедносните служби од странските држави каде што постои сомнеж дека осомничениот би можел да се наоѓа“, соопштија од МВР.

Муса Џавит, кој има богато криминално досие, за само една година е поврзан со две смртни пресметки. Двата вооружени инциденти се случиле во летниот период, минатата и оваа година, во скопското село Батинци. И покрај сериозноста на случаите, полицијата сѐ уште не успеала да го лоцира и приведе.

Последното убиство се случи пред неколку дена, кога 50-годишен офицер на АРМ беше смртно застрелан со два куршума додека се возел со ќерка си кон нивниот дом. Напаѓачот отворил оган непосредно пред влезот на селото. Причината за убиството како што наведоа од МВР е тоа што ќерката на офицерот не сакала да се омажи за напаѓачот.