Кумановци сè повеќе купуваат парцели и викендички во Старо Нагоричане

Расте интересот за купување парцели или готови викендички во Старо Нагоричане од почетокот на годинава, покажуваат податоците на надлежните од општината. Од почетокот на ширењето на пандемијата и неколкуте карантински викенди сè поголем број кумановци се одлучуваат да купат викендички или парцела за изградба на викендички во Општина Старо Нагоричане. Речиси сите парцели во близина на Пчиња во различните атари на селата во општината се продадени.

Според податоците на надлежните од Општина Старо Нагоричане, од почетокот на годинава до средината на јули се продадени 70 парцели и 14 куќи, што е значително зголемување во однос на претходните години. Најголем број од продадените парцели се во реонот на селата Челопек, Младо Нагоричане и Војник.

И во групите за продажба на имот сè поголем број кумановци бараат ниви, парцели, некои од нив и изградени викендички. Заинтересираните бараат парцелите да се во близина на пат, да има можност за приклучок кон електрична енергија.

Со зголемената побарувачка, расте и цената, вели градоначалничката на општината Жаклина Јовановска.

Таа појаснува дека и претходните години постепено растел интересот за купување парцели во руралната општина, но од отпочнувањето на ширењето на коронавирусот, интересот нагло се зголемил.

Жителите продаваат плацеви со стари куќи, земјоделско земјиште, парцели за изградба на викендички или куќа за живеење.

– Граѓаните кои бегаат од градскиот метеж се преселуваат за време на викендите или летото во природните убавини на Старо Нагоричане. Особено атрактивни се Младо Нагоричане, Челопек, Пелинце, Драгмонаце, Стрновац. Во овие подрачја граѓаните бараат парче земја да купат и да доаѓаат да ги поминуваат слободните денови во лето, кога природната е прекрасна. Мислам дека и чистиот воздух придонесува да се зголеми интересот, а во овој период и можноста за помалку контакти и одржување вистинска физичка дистанца, вели Јовановска.

Заинтересираните за купување велат дека сакаат мир и тишина, кои ги нуди природата во општината во североисточниот дел од државата. Купувачите велат дека има солидна патна инфраструктура, цените се на задоволително ниво, а добар услов е и што селата од Старо Нагоричане се во близина на Куманово.

– Бројот на продадени парцели во однос на лани е зголемен од 30 до 40 проценти. Цената порасна. Ако до пред извесен период се движеше од 0,50 до едно евро за квадратен метар, сега плацевите се продаваат доста повисоко и до пет евра за квадратен метар, особено оние на атрактивните места, вели Јовановска.

Во минатото, викендички градеа луѓето кои потекнуваат од регионот, сега плацеви купуваат жители кои немаат потекло од овој регион. Покрај кумановци, парчиња земја купуваат и жители на Скопје.

Јовановска рече дека и во идниот период ќе се вложува во патната инфраструктура и до најоддалечените места.

Во општината има 39 населени места, а особено позната е по археолошките наоѓалишта, културно-историските објекти, цркви, манастири, природни реткости и раритети.

Треба да знаете
Последни објави