Skip to main content
Македонија

Јакимовски: Треба ли некој да биде убиен за да се освестиме!?

11/07/2025  21:10

Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски се обрати на социјалните мрежи по денешниот напад врз градоначалничката на Градот Скопје Данела Арсовска.

,,Она што ѝ се случи денес на Данела Арсовска не е „инцидент“.

Тоа е директен напад врз институцијата, врз една жена, врз јавниот поредок. Со клоци, со пцуење, со закани за силување и убиство на нејзиното семејство.

И што? Ќе викаме „демократија“?! Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!

Да бидеме на чисто – со Данела сме имале и несогласувања, и судири, и различни визии за Скопје. Но никогаш нема да прифатам насилство како метод. Денеска е таа. Утре можам да бидам јас. Или ти. Или некоја новинарка. Или обична службеничка.

Затоа – јавно, јасно и гласно ја осудувам оваа бруталност. И барам веднаш одговорност – од МВР, од обвинителството, од сите што молчат ко да не им е гајле! Нема да си го вратиме Скопје со клоци.

Нема да изградиме држава со пцуење и со мавање жени по улици. Ако ова пројде како „ништо посебно“ – тогаш сите ние сме го изгубиле компасот. Или ќе има реакција, или ќе знаеме дека институциите се дел од проблемот” пишува Јакимовски.