
Иран не е закана за САД, истакна иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во интервјуто за Такер Карлсон Нетворк (Tucker Carlson Network) и воедно повика на дијалог за решавање на конфликтите.

Направено со помош на преведувач, интервјуто се фокусираше на тензиите меѓу Иран, САД и Израел по неодамнешните напади врз иранските нуклеарни капацитети.
Пезешкијан ги отфрли обвинувањата дека Иран поддржува атентат врз американскиот претседател Доналд Трамп, нарекувајќи ги „лага“ на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Тој нагласи дека Иран нема нуклеарна бомба и дека нивната програма е за мирнодобски цели, изразувајќи подготвеност за преговори со САД доколку се воспостави доверба. За израелските напади минатиот месец, рече: „Ние не ја започнавме војната, само се браниме.“
Иранскиот лидер потврди дека Израел се обидел да го убие, но нападот бил спречен од иранското разузнавање. За поддршката на Хезболах, Пезешкијан вели дека Иран помага на групи што се борат против „угнетување и окупација“. Тој изрази подготвеност да се сретне со Трамп, но ја истакна потребата од укинување на санкциите.
На американскиот народ, Пезешкијан му порача: „Иран не е ваш непријател. Сакаме мир и соработка“.Тој додаде дека е подготвен да го жртвува животот за одбрана на Иран, но нагласи дека земјата не бара војна.
Во продолжение следува целото интервју:
Такер Карлсон: Добро попладне на сите. Јас сум Такер Карлсон, и денеска имаме интервју со претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан. Го направивме ова интервју затоа што веруваме дека американските граѓани имаат уставно и божјо дадено право да соберат што е можно повеќе информации за прашања што ги засегаат. Само пред десет дена бевме во војна со Иран, и можеби повторно ќе бидеме. Затоа сакавме да слушнеме директно од иранскиот лидер. Ова интервју беше спроведено на далечина преку преведувач, што е секогаш малку незгодно, а јас не зборувам персиски (фарски). Се фокусиравме на едноставни прашања за да добиеме јасни одговори. Еве го нашиот разговор.
Такер Карлсон: Господине Претседател, Ви благодарам што се согласивте да зборувате со нас. Многу Американци се плашат од Иран. Вие велите дека не сте исплашени, но Американците се плашат од Иран. Тие веруваат дека Иран би сакал да ги нападне САД со нуклеарно оружје. Гледаат видеа од Иранци кои извикуваат „Смрт за Америка“, опишувајќи ја нашата земја како „големата сатана“. Какво е вашето мислење за тоа? Треба ли да се плашиме?
Масуд Пезешкијан: Сметам дека ова е многу погрешна перцепција што некој може да ја има за Иран или за Иранците. Сакам да ве потсетам дека Иран не нападнал друга земја во последните 200 години. Кога велат „Смрт за Америка“, не мислат на смрт за американскиот народ или дури ни за американските функционери. Тие мислат на смрт за криминалите, смрт за убиствата и масакрите, смрт за поддршката на убиства на други, за несигурноста и нестабилноста. Дали некогаш сте чуле за Иранец што убил Американец? Дали сте чуле за терорист од Иран што извршил терористички напад против Американци? Не, вашиот претседател призна дека Америка го создала ИСИС (Исламска држава) во нашиот регион, и тие се одговорни за погрешната слика за муслиманската религија во светот.
Такер Карлсон: Дали Иран некогаш поддржал обид за атентат врз Доналд Трамп?
Масуд Пезешкијан: Ова е лага што ја шири Нетанјаху. Тој создава лажна перцепција дека Иран сака нуклеарна бомба уште од 1984 година, и ја всади оваа идеја во главите на секој американски претседател оттогаш. Ние никогаш не сме биле вклучени во такви активности. Напротив, ние сме жртви на тероризмот. Нашите научници и генерали беа убиени од Израел и други. Иран никогаш не се обидел да изврши атентат врз некој американски лидер.
Такер Карлсон: Како би сакале да заврши овој конфликт? Која е вашата цел?
Масуд Пезешкијан: Ние не ја започнавме оваа војна, и не сакаме таа да продолжи на каков било начин. Мојот слоган за време на кампањата беше да создадам внатрешно национално единство и да промовирам пријателски односи со нашите соседни земји. Сакаме мир и стабилност во регионот. Дали повеќе крвопролевања и убиства ќе донесат мир во регионот? Не мислам така. Ние сме подготвени да разговараме и да преговараме за да го решиме ова преку дијалог.
Такер Карлсон: Дали Иран е подготвен да се откаже од својата нуклеарна програма во замена за мир?
Масуд Пезешкијан: Ние немаме нуклеарна бомба, и не ни треба. Нашата нуклеарна програма е за енергија и истражување. Имаме право на нуклеарна енергија според меѓународните договори. Сепак, ние сме отворени за преговори. Немаме проблем со повторно започнување на нуклеарните разговори со САД, под услов да може да се воспостави доверба. Како можеме да им веруваме на САД кога тие ги поддржуваат нападите врз нас? Довербата е предуслов за какви било разговори.
Такер Карлсон: Дали Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) шпионирала во Иран и давала информации на Израел или САД?
Масуд Пезешкијан: Сè уште не го знаеме целосниот обем на штетата на нашите нуклеарни локации. Пристапот во моментов не е возможен бидејќи тие се сериозно погодени. Откако ќе се врати пристапот, можеме да размислуваме за инспекции. Сепак, имаме сомнежи дека некои информации од МААЕ можеби биле споделени со нашите противници. Ова треба да се испита.
Такер Карлсон: Дали верувате дека Израел се обидел да ве убие вас?
Масуд Пезешкијан: Да, тие се обидоа. Дејствуваа соодветно, но не успеаја. Не беа САД зад обидот за мојот живот, туку Израел. Бев на состанок и тие се обидоа да го бомбардираат местото каде што се одржуваше состанокот. Нашите разузнавачки служби го спречија овој обид.
Такер Карлсон: Како знаете дека тоа бил Израел?
Масуд Пезешкијан: Нашите разузнавачки служби потврдија дека Израел е одговорен. Тие имаат историја на такви операции против нас. Не можам да дадам повеќе детали, но нашите служби го открија и спречија нападот.
Такер Карлсон: Што мислите за израелските напади врз Иран минатиот месец?
Масуд Пезешкијан: Израел тврди дека уништил многу наши воени и нуклеарни капацитети, но ние не ја започнавме оваа војна. Тие напаѓаат, а потоа не обвинуваат дека ние сме агресорите. Ние само се браниме. Овие напади предизвикаа штета, но ние ќе се опоравиме. Нашите луѓе се отпорни, и ние нема да се покориме на притисокот.
Такер Карлсон: Дали Иран планира одмазда против Израел или САД?
Масуд Пезешкијан: Ние не бараме војна. Сакаме мир. Но, ако сме нападнати, ќе се браниме. Нашата политика е одбрана, не агресија. Ако Израел или некој друг продолжи да не напаѓа, ние ќе одговориме соодветно, но нашата цел е да избегнеме понатамошна ескалација.
Такер Карлсон: Што велите за обвинувањата дека Иран ги поддржува Хезболах и другите прокси-групи?
Масуд Пезешкијан: Ние поддржуваме групи кои се борат против угнетувањето и окупацијата. Хезболах е отпор против израелската агресија во Либан. Ние не ги контролираме овие групи, но им помагаме затоа што веруваме во нивната кауза. САД и Израел ги поддржуваат своите сојузници, па зошто ние да не ги поддржуваме нашите?
Такер Карлсон: Дали сте подготвени да се сретнете со претседателот Трамп?
Масуд Пезешкијан: Верувам дека можеме лесно да ги решиме разликите и конфликтите со САД преку дијалог и разговори. Подготвен сум да се сретнам со претседателот Трамп ако тој е подготвен да разговара. Но, довербата е клучна. Како можеме да преговараме кога САД продолжуваат да наметнуваат санкции и да поддржуваат напади врз нас?
Такер Карлсон: Што мислите за тврдењата на Трамп дека американските напади ја „уништија“ иранската нуклеарна програма?
Масуд Пезешкијан: Трамп вели дека нашата нуклеарна програма е уништен, но Пентагон вели дека “не вратиле само една или две години“. Ние сè уште ја проценуваме штетата. Нашите капацитети се погодени, но ние имаме способност да се опоравиме. Овие напади нема да не спречат да го продолжиме нашето право на мирнодопска нуклеарна енергија.
Такер Карлсон: Дали Иран е подготвен да дозволи инспекции од МААЕ откако ќе се поправи штетата?
Масуд Пезешкијан: Кога пристапот до нашите локации ќе биде возможен, ние сме отворени за разгледување на инспекции. Но, мора да има фер третман. Не можеме да дозволиме нашите информации да бидат искористени против нас. МААЕ мора да дејствува непристрасно.
Такер Карлсон: Каква порака би му испратиле на американскиот народ?
Масуд Пезешкијан: На американскиот народ сакам да му кажам дека Иран не е ваш непријател. Ние сакаме мир и соработка. Не верувајте во пропагандата дека ние сме закана. Ние сме нација која сака да живее во достоинство и да го почитуваме меѓународното право. Ајде да работиме заедно за подобра иднина.
Такер Карлсон: Уште едно последно прашање. Дали сте подготвени да жртвувате сè за одбрана на Иран?
Масуд Пезешкијан: Не се плашам да го жртвувам мојот живот за одбрана на мојата земја. Нашите луѓе се подготвени да издржат тешкотии за да го заштитат нашиот суверенитет. Но, повторувам, ние не бараме војна. Сакаме мир, но ако сме нападнати, ќе се бориме.
Такер Карлсон: Господине Претседател, благодарам за Вашето време. Ова беше Масуд Пезешкијан, претседател на Иран. Целта на ова интервју беше да додадеме во корпусот на знаење од кој Американците можат да формираат свое мислење. Научете сè што можете, и потоа одлучете. Тоа е ветувањето на Америка. Ви благодариме што гледавте.
(Такер Карлсон Нетворк)