Ахмети пред средбата со Заев: Сакам да ги слушнам аргументите зошто премиер не би можел да биде Албанец

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изјави дека продолжуваат работните средби со лидерот на СДСМ Зоран Заев, на кои порача дека сака да ги слушне аргументите зошто премиер на државата не би можел да биде Албанец. Тој додаде дека неговата партија стои на оваа барање и дека
тоа е дел од преговорите за коалиција.

-Сакам да слушнам аргументација по ова прашање, отворени сме да дебатираме зошто не премиер Албанец. Ако излезат со некој силен аргумент, тука сме да го разгледаме. Отворено е оваа прашање, но ќе кажам: колку сме блиску, толку сме и далеку од договор. Нормално дека
преговараме и ги изнесуваме нашите ставови на маса, но не би сакале да се крева еуфорија и емоции околу ова прашање. Не би сакале да ја оптоваруваме јавноста и со шпекулациите за моделот две години со две или три со една, рече Ахмети.

Тој вели дека коалицијата ВМРО ДПМНЕ-СДСМ, според него е невозможна и дека ваквиот чекор би предизвикал мултиетнички тензии. Црвените линии за договор за коалиција за ДУИ, покрај барањето за Премиер Албанец се и: спроведување на Преспанскиот договор, договорот со
Бугарија, Охридски рамковен договор и ветинг за сите функционери.

Денеска не се реализираше тркалезната маса на која беа поканети претседателите на албанските политички партии од страна на лидерот на ДУИ. Сепак, тој самиот одржа прес-конференција и ја честиташе годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор.

Тој истакна дека ДУИ е фактор на стабилност во државава и дека неговата партија не е невидлив непријател како што е ковид-19.

– ДУИ е фактор на стабилност во државава и додека ние сме свесни за нашата мисија, ДУИ никогаш нема да делува ниту со еуфорија ниту со притисок, туку ќе изнајдеме правилен пат за да ѝ служиме на државата и полесно да ги надминеме сите потешкотии со кои се соочуваме. Нашата партија не е невидлив непријател како што е ковид-19. За секоја нова информација ќе ја информираме јавноста, но запишете некаде дека ДУИ делува и работи со ладна глава и со отворено срце. Сè што ќе преземеме во иднина ќе биде во корист од најмалиот работник до најголемиот интелектуалец. Секоја наша одлука ќе биде во корист на државата и на надминување на ситуацијата со коронакризата, рече Ахмети.

Во однос на поканата за лидерска средба помеѓу лидерите на албанските партии, додаде тој, таа содржела конкретна агенда.

– Ги повикав албанските политички партии за да им се заблагодарам за заедничката соработка при донесувањето на Законот за јазици, уставните измени и друго. Сакав да ги слушам и нивните предлози и забелешки. Многу ми е жал што тие не дојдоа на денешната средба. Би сакал нивното недоаѓање да не го користат за политички цели. Во пресрет сме на донесување на големи одлуки – истакна Ахмети.

На прашањето дали повторно ќе свика средба помеѓу претседателите на албанските партии, тој рече дека сега редот е на оние лидери кои денеска не присуствувале на средбата.

– ДУИ ги покани, а тие не дојдоа, кратко искоментира Ахмети.

Треба да знаете
Последни објави