Skip to main content
Македонија

Денес (6 јули) внимателност поради локална појава на силно невреме кај нас

06/07/2025  10:15

Многу топлиот бран од југ, односно од Африка продолжува и денес (недела 6 јули) во нашата Република Македонија. Сепак, во попладневните и во раните вечерни часови, и тоа поради продор на поладен воздух од север на висина очекувам локално дестабилизирање на атмосферата кај нас, и тоа особено во планинските предели.

Во ваква ситуација, очекувам локален развој на конвективни грмотевични облачни јадра од кои ќе има појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално, како што погоре најавив, особено во планинските предели очекувам поинтензивни атмосферски процеси, во форма на невреме со пороен дожд, силен ветер (над 60 км/час) силни електрични празнења и со појава на покрупен град.

И во Скопскиот регион ќе има услови за локална краткотрајна нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер.

Апелирам на голема внимателност, и тоа во случај на појава на невреме и на силни електрични празнења, односно да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја. Исто така, во случај на појава на силен ветер граѓаните да ги заштитат своите автомобили, односно да не ги ставаат во близина дрвјата, особено оние дрвја кои се осамени.

Што се однесува до температурите, тие и понатаму насекаде ќе надминуваат 30 степени, а во Повардарието тие ќе надминат и 40 степени. Во Скопје и околината температурата ќе се искачи до околу 40 степени, или пак ќе надмине 40 степени.

На следниот линк можете да ја следите алатката за рано предупредување од невреме НОТАС, и истата е од голема корист на секој граѓанин https://nothas.finki.ukim.mk/