Skip to main content
Свет

Романски европратеник побара гласање недоверба на ЕК

02/07/2025  20:12

Романскиот десничарски европратеник Георге Пипереа вечерва побара во Европскиот парламент да се гласа за недоверба на Европската комисија, предводена од претседателката Урсула фон дер Лајен.

Претседателката на ЕП, Роберта Мацола ги информира лидерите на парламентарните групи за барањето на европратеникот Пипереа, во кое се обвинува ЕК за недостиг на транспарентност и лошо управување, особено во справувањето со пандемијата Ковид-19.

Гласањето треба да биде поддржано од најмалку една десетина или 72 европратеници, за да биде ставено на дискусија и гласање на пленарната седница во Стразбур следната недела. Доколку се усвои, со гласањето за недоверба ќе се бара оставка од целата ЕК, вклучително претседателката и 26 комесари. Најверојатно ЕК ќе го преживее гласањето бидејќи за да се изгласа недоверба потребно е двотретинско мнозинство од 720 пратеници во ЕП.