Skip to main content
Македонија

Пациентка со рак оставена без терапија – Онкологија без лекови, Министерството без одговор

29/06/2025  23:08

На Клиниката за онкологија во Скопје недостасуваат лекови за дел од пациентите што се лекуваат од рак на бели дробови, објави ТВ Телма. Сериозните проблеми со достапноста на терапијата ги откри 64-годишна пациентка, која побарала да остане анонимна поради страв од последици врз третманот.

Таа боледува од рак на бели дробови во четврта фаза и од четири препишани хемотерапии, досега примила само една – на 28 мај. Кога требало да ја прими втората доза на 18 јуни, ѝ било соопштено дека лекот за нејзиниот тип на канцер сè уште не е пристигнат.

„Ми рекоа дека до седум дена ако не ја примам терапијата, нема да имам проблем. Сега поминаа две недели и сè уште не знам што ќе биде понатаму. Никој не ми се јави да ми објасни. Само чекам дали и кога ќе стигне лекот“, вели таа за Телма. Пациентката, инаку пензионерка, истакнува дека целиот работен век уредно плаќала здравствено осигурување.

На денешната прес-конференција, министерот за здравство Азир Алиу рече дека разговарал со директорот на Клиниката и дека, според него, терапијата е набавена и дистрибуирана. Сепак, не можеше да потврди дали лековите ги има за сите пациенти.

„Мислам дека терапијата не само што е стигната, туку е и процесуирана. Но утре ќе се сретнам со директорот и ќе видам дали недостасува некој дел од терапијата“, рече министерот Алиу.

Директорот на Клиниката за онкологија, Игор Стојковски, пред два дена изјави дека моментално лековите се достапни, но отворено призна дека повремено има недостиг. Како главни причини ги наведе зголемениот број пациенти, административните процедури за јавни набавки и доцнењата од страна на производителите и дистрибутерите.

Случајот повторно го отвора прашањето за квалитетот и континуитетот на онколошкиот третман во јавниот здравствен систем, особено за пациентите кои се во критични фази од болеста.