Skip to main content
Македонија

Нов обид на Комитетот за надворешни работи на ЕП за усвојување на Извештајот на Вајц за земјава

24/06/2025  08:03

Членовите на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент на денешното заседание треба да гласаат за усвојување на Предлог-извештајот за земјава за 2023 и 2024 година подготвен од австрискиот европратеник Томас Вајц.   

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, документот беше на дневен ред за усвојување на седницата на АФЕТ на 4 овој месец, но гласањето по него беше одложено за денеска на предлог на Вајц, кој е известувач на ЕП за земјава, со цел, како што образложи, да им даде можност на неговите колеги европратеници, особено оние од редовите на десничарските пратенички групи Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) и Европа на суверени нации (ЕСН) „да ги ажурираат своите регистри на лобисти“.   

– Знам дека понекогаш сме малку преоптоварени со работа во нашите канцеларии и сакам да ви дадам можност да ги ажурирате вашате регистри на лобисти и да се навратиме на ова гласање на 24 јуни, додаде Вајц.   

Вајц во образложението на предлогот за одлагање на гласањето нагласи дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот. 

– Ова е извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија. Овој извештај нема намера и нема за цел решавање на билатерални прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија. Сепак, знаеме дека се работи и за билатерални односи, но исто така, да речеме, за владеењето на правото, за третманот на малцинските заедници и така натаму. Затоа би сакал да побарам одлагање на гласањето по овој извештај за 24 јуни, рече тогаш Вајц.   

Според извори во АФЕТ, на усвојување на извештајот во неговата предложена форма најмногу се противат бугарските европратеници, кои имаат забелешки на формулациите за признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет.  

Бугарски европратеници уште пред седницата на АФЕТ на 4 јуни побараат запирање на постапката за усвојување на извештајот, обвинувајќи за „протекување на информации во реално време“ во текот на подготовката на документот.  

Европратеникот Станислав Стојанов од националистичката партија Преродба, членка на ЕСН, го обвини Вајц дека имал „ненајавени средби“ со македонските власти и ги нарушил правилата за транспарентност на Европскиот парламент, со што, според него, предложениот извештај е компромитиран и необјективен.   

Бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев вчера во Брисел изјави дека Европскиот парламент нема надлежност да изразува мислења за прашања поврзани со идентитетот и јазикот и дека институциите на ЕУ не треба да се користат за „инструментализирање на една или друга политика“, посочувајќи дека извештајот на Вајц не е меѓународно правно обврзувачки. 

Премиерот Христијан Мицкоски во неделата изјави дека деновиве стигнуваат вознемирувачки информации за силна активност на одредени политичари во Брисел.  

– Јас успеав да контактирам со сите од Брисел и мислам дека успеавме некако да го амортизираме оној удар, кој што повторно некој сакаше да го нанесе врз македонскиот идентитет и јазик, доформулирајќи го, дообјаснувајќи го со модерен или сегашен, само да се обидат да креираат некоја нова нација, а со тоа да го нарушат и кредибилитетот на самата ЕУ. За жал, постојат и такви членови на Европскиот парламент, но среќа за нас што огромното мнозинство таму, застануваат зад нашите аргументи, рече Мицкоски, истакнувајќи дека очекува силна порака од Европскиот парламент за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик.  

Тој потенцира дека Владата секогаш ќе се бори да ја каже вистината која ја чувствуваат граѓаните, на сите средби во Берлин, Брисел, Лондон или Вашингтион. 

Мицкоски во петокот изјави дека сега конечно излегла на површина вистинската бугарска стратегија.  

– За нас е доволно што конечно излезе на површина вистинската причина и стратегија, која доаѓа од нашиот источен сосед, а тоа е создавање на сегашна македонска нација, со сегашен македонски идентитет, кој го говори својот сегашен мајчин јазик, а кој почива на бугарски корени, изјави Мицкоски.  

Тој додаде дека во обид да го спречат усвојувањето на извештајот бугарски европратеници и властите во Софија тврдат дека ако тој биде изгласан тоа можело да ги радикализира проруските струи против „сегашната проевропска Влада на Бугарија“.  

– Тоа доволно ви дава одговор во каква состојба е една членка на ЕУ и кој во суштина го попречува евроинтегративниот процес, истакна Мицкоски, додавајќи дека тој би бил најсреќниот човек доколку извештајот биде усвоен на денешната седница на АФЕТ. 

Инаку, во извештајот на Вајц се потенцира потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција и се забележува дека земјава продолжува да покажува посветеност на евроинтеграцијата и усогласеност со политиките на ЕУ.   

– Европскиот парламент повикува на брз напредок во преговорите за пристапување, истовремено истакнувајќи ја важноста на усвојувањето на неспроведените уставни амандмани; ги охрабрува сите политички партии во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус за овие амандмани, што би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзало нејзиниот напредок кон членство во ЕУ, се потенцира во Предлог-извештајот на Вајц.  

Во документот, меѓу останатото, се наведува дека демократските институции во земјата функционираат „задоволително“, но оти политичката поларизација останува пречка за неопходните реформи и се повикува на интензивирање на напорите за зајакнување на владеењето на правото и независноста на судството, борбата против корупцијата, реформирањето на јавната администрација и подобрувањето на транспарентноста околу сопственоста на медиумите.   

Предлог-извештајот е пропратен со Објаснувачка изјава на Вајц во која тој наведува дека годините на неуспеси и неисполнети ветувања разбирливо доведоа до фрустрација, разочарување и континуиран пад на јавната поддршка за интеграцијата на земјата во ЕУ, меѓутоа во овие времиња на големи промени во меѓународниот светски поредок, постои обновено чувство на итност и важна можност за унапредување на процесот на проширување на Унијата.    

– Сите политички чинители, особено пратениците од владејачката коалиција и Владата, мора да го искористат овој момент и да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне консензус за уставните амандмани. ЕУ и нејзините земји членки мора целосно да го поддржат овој потфат, вклучително и со давање гаранции дека уставните измени нема да доведат до дополнителни билатерални барања, истакнува Вајц.   

Австрискиот европратеник во Изјавата додава и дека за да се надмине бугарското вето за старт на пристапните преговори на земјава, во 2022 година ЕУ „ги вклучи барањата на Бугарија во заклучоците на Советот поврзани со пристапувањето на Северна Македонија, при што ЕУ делуваше како гарант за нивното спроведување“. 

– Т.н. „француски предлог“, сепак, постави загрижувачки преседан, дозволувајќи пристапниот процес да се користи за решавање на културните и историските спорови, потенцира Вајц меѓу другото во Изјавата.