Skip to main content
Свет

Граната експлодираше во резиденцијата на норвешкиот амбасадор во Тел Авив, Чешка и Австралија привремено ги затворија амбасадите во Иран

20/06/2025  08:45

Граната експлодираше синоќа во резиденцијата на норвешкиот амбасадор во Тел Авив, изјави израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар, додавајќи дека никој не е повреден.

-Пред малку разговарав со норвешкиот амбасадор во Израел, Пер Егил Селваг, во чиј двор вечерва беше фрлена граната“, напиша Саар на социјалната мрежа „X“. „Остро го осудувам ова сериозно и опасно злосторство“, додаде тој.

Во соопштение на норвешкото Министерство за надворешни работи се наведува дека контактирале со амбасадата и оти во инцидентот не е повреден дипломатски персонал.

Израелската полиција соопшти дека започнала истрага за инцидентот, кој предизвикал „мала материјална штета“.

Во меѓувреме, поради тековниот конфликт меѓу Израел и Иран, Чешка привремено ја затвора својата амбасада во Техеран, објави Радио Прага. Одлуката ја донесе министерот за надворешни работи Јан Липавски. Воспоставен е телефонски број за чешки граѓани во Исламската Република на кои им се потребни итни конзуларни услуги.

Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг изјави дека амбасадата на земјата во Техеран е затворена поради влошувањето на безбедносната ситуација во Иран. Амбасадорот на Австралија во Иран ќе се пресели во Азербејџан за да помогне во одговорот на владата на кризата.

-Продолжуваме да планираме поддршка за Австралијанците кои сакаат да го напуштат Иран и да останеме во близок контакт со другите партнерски земји, рече Вонг во соопштението.