
Фудбалерот на мадридски Реал, Килијан Мбапе, е хоспитализиран поради акутен гастроентеритис, објави вчера шпанскиот клуб, откако францускиот репрезентативец го пропушти првиот натпревар од Светското клупско првенство против Ал Хилал.

Мбапе го пропушти тренингот во вторникот поради висока температура, а потоа не настапи ниту на натпреварот што заврши без победник – 1:1 против саудискиот претставник.
Во соопштението за медиумите на Реал Мадрид се наведува дека Мбапе е „хоспитализиран поради акутен гастроентеритис“ и дека е подложен на „серија тестови“.
Гастроентеритис е инфекција на дигестивниот систем што може да предизвика повраќање и дијареја.
Нема информации дали Мбапе ќе биде подготвен за следниот натпревар против Пачука, кој е закажан за в недела од 21 часот.