Се самоуби внукот на Елвис Присли

Единствениот внук на американската музичка легенда Елвис Присли починал вчера, потврди менаџерот на неговата мајка Лиза Мари Присли, а локалните медиуми објавија дека станува збор за самоубиство.

Бенџамин Кио (27) е пронајден во Калабасас во близина на Лос Анџелес со прострелна рана којашто самиот си ја нанел, изјавиле полициски извори за ТМЗ.

Менаџерот Роџер Видиновски не открива какви било детали и вели дека Лиза Мари Присли, единственото дете на Елвис од бракот со актерката Присила Присли, е „со скршено срце, неутешна и повеќе од уништена“.

„Таа го обожаваше своето момче. Тој беше љубовта на нејзиниот живот“, рече Видиновски, додавајќи дека сака да остане силна поради своите ќерки.

Кио ретко се појавуваше во јавноста, а фотографиите покажуваат дека наликувал на неговиот дедо. Лиза Мари Присли има уште три ќерки.

TMZ пренесува дека Кио бил музичар и дека се занимавал со глума. Легендата на рокенролот, Елвис Присли почина во 1977 година на 42-годишна возраст.

Треба да знаете
Последни објави