Skip to main content
Балкан

Владата на Албанија го усвои договорот со Србија за социјално осигурување

15/06/2025  21:11

Владата на Албанија, по предлог на министерот за економија, култура и иновации, ја прифати спогодбата со Република Србија за социјално осигурување, со што се овозможува признавање на пензиите на сите жители кои престојуваат и работат во двете држави.

Спогодбата нуди многубројни поволности за албанските и српските граѓани, меѓу кои: старосна пензија, надоместоци за породилно отсуство, семејна пензија, инвалидска пензија итн. Дополнително, се предвидува и здружување на периодите на придонеси, со што се гарантира дека граѓаните нема да ги загубат своите години на работа.

Министерот Бленди Гонџа изјави дека ова претставува важен прогрес во заштитата на правата на жителите кои живеат и работат во двете земји. Тој додаде дека спогодбата е во согласност со стандардите на ЕУ, базирана на “регулативите на Советот и Европскиот парламент за координација на шемите за социјално осигурување”.

“Ова е уште еден значаен чекор кон социјална заштита без граници и европска интеграција”, оцени тој, најавувајќи дека спогодбата ќе биде доставена до парламентот за ратификација.

На први овој месец стапи на сила законот за признавање на пензиите меѓу Албанија и Италија, од кој бенефит ќе имаат 500 илјади албански и 4 илјади италијански граѓани. Албанија има слични договори и со Северна Македонија, Косово, Турција, Канада, Германија, Белгија, Луксембург, Австрија, Швајцарија, Чешка и Унгарија. Во финална фаза се договорите со Бугарија, Романија, Црна Гора и Хрватска.