Skip to main content
Македонија

Сиљановска-Давкова: Целта е да се нагласи важноста на меѓународната научна соработка

08/06/2025  21:19

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Ница, Франција, каде ќе учествува на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот (UNOC3).

-Задоволство беше, во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон да бидам дел од церемонијата за отворање на Декадата за криосферските науки кои ги проучуваат глечерите и сите површини каде водата е во тврда состојба, како и да присуствувам на презентацијата на препораките од специјалните настани на третата Конференција на ОН за океанот – објави на Фејсбук претседателката Силјановска-Давкова.

Целта, како што посочи таа, е да се нагласи важноста на меѓународната научна соработка, како и да се поттикнат напорите за одржлив развој како одговор на алармантното влијание на климатските промени врз глечерите, ледените плочи и вечниот мраз, односно негативните ефекти кои со тоа се предизвикуваат.

-Драго ми е што можев кратко да поразговарам со претседателот Макрон, кој е домаќин на конференцијата, напиша во објавата на својот фејсбук профил Силјановска-Давкова.

Претседателката, како што претходно соопшти нејзиниот Кабинет, ќе се обрати во рамките на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот (UNOC3), за поддршка на спроведувањето на целта 14 за: Зачувување и одржливо користење на океаните, морињата и морските ресурси за одржлив развој.

На посебна церемонија, Силјановска-Давкова ќе го потпише Договорот во рамки на Конвенцијата на ОН за правото на морето за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност на области надвор од националната јурисдикција (BBNJ), усвоен во Њујорк на 19 јуни 2023 година.