
Македонскиот кајак тим составена од кајакари од велешкиот Кајак кану клуб „Арка – Борец“ учествуваше на Европското сениорско првенство во кајак спуст на диви води, кое од 3 до 7 јуни се одржа во Мецана-Вал ди Сол во Италија, информира за МИА, Љубомир Спасиќ велешкиот кајакар од ККК „Арка Борец“ и македонски репрезентативец.
Тој истакна дека на натпреварите во тимските дисциплини, македонскиот состав покажа зголемена координација и борбен дух.
Во спринтерската тимска трка, од 13 екипи, македонската кајак екипа се пласираше на 8. место, додека во класичната тимска дисциплина го освоија 10. место. Според него тоа се резултати што претставуваат напредок и мотив за понатамошен развој на тимот.
Тој информира дека тројцата македонски натпреварувачи: Александар Златаров, Благој Гугинов и Кристијан Лазаров, – најпрвин се натпреваруваа во индивидуалната класична дисциплина, каде Златаров го оствари најдобриот пласман меѓу нив, освојувајќи го 38. место. Младиот Гугинов заврши веднаш зад него на 39. позиција, додека Лазаров се пласираше на 43. место од вкупно 50 учесници.
– Особено се истакна од младиот кајакар Благој Гугинов, кој со само 16 години го привлече вниманието со својата храброст и потенцијал, потенцира Спасиќ.
Во последниот дел од првенството – индивидуалните спринтерски возења – најдобар резултат повторно постигна Гугинов. Тој по првото возење беше 23., а по второто се најде на 30. место. Златаров во првото возење беше 28., а првенството го заврши на 34. позиција. Лазаров беше 43 – ти.
Спасиќ потенцира дека со овие настапи, македонскиот кајак тим во спуст на диви води, достојно го заврши својот настап на Европското првенство и веќе ги насочува своите подготовки кон нов светските првенства и купови.