
Тони Стојанов, татко на тригодишниот Блаже кој почина на пат кон Скопје, ја обвинува кавадаречката болница за ненавремена реакција и недостиг на соодветна медицинска помош. Во изјава за Канал 5, тој вели дека детето, кое се водело како со Даунов синдром, било прегледано без детални испитувања и одбиено било да биде префрлено со Итна помош во Скопје.

„Се молев за возило на Брза помош. Докторката ни рече дека нема основ да го прати во Скопје. Ни предложи да одиме со автобус. Детето ни почина во приватно возило, во рацете на мајка му“, вели скршениот татко, кој се сомнева дека со соодветна интервенција, животот на неговиот син можел да биде спасен.
Од болницата во Кавадарци засега нема официјален став. Директорката Д-р Гордана Камчева најавила писмена изјава, но до објавувањето на оваа вест не е испратена.
Од Детската клиника во Скопје потврдија дека детето било донесено веќе починато. Телото е предадено за обдукција, а Заменик министерот за здравство Јовица Андовски побара итна истрага од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за можни пропусти во третманот.
Семејството на малиот Блаже бара одговори — и правда.