
Херојска сцена се одиграла на познатата грчка плажа Олимпик бич, каде млад Србин реагирал навремено и спасил живот на постар Македонец, кој се соочил со опасност од давење.
Според објавата споделена во Facebook групата „Грчка инфо“, Македонецот бил на летување со сопругата. Двајцата влегле во морето држејќи се за раце, но додека жената знаела да плива, тој не бил пливач. На околу 50 метри од брегот, каде водата им била до половина, се слушнал крик и повик за помош. Девојка во близина веднаш почнала да вика за помош.
Во истиот момент, млад Србин кој бил на плажата, реагирал инстинктивно – скокнал од лежалка и се фрлил во морето. Брзо пристигнал до човекот и успеал да го извлече на безбедно до брегот.
Среќна околност било тоа што меѓу присутните имало и млада докторка, која веднаш започнала со реанимација. По неколку минути, човекот почнал да реагира – ги помрднувал рацете и нозете. Набрзо пристигнала Итната помош и го пренела во болница на дополнителен медицински третман.