Skip to main content
Живот

Младите на мета, профитот во фокус: Што се крие зад „иновативните” никотински производи?

04/06/2025  15:44

По повод Светскиот ден без тутун, Аналитика Тинк Тенк се приклучува кон глобалната кампања на СЗО „Разоткривање на привлечноста – разобличување на тактиките на индустријата за тутун и никотин”, и ги споделува своите најнови наоди поврзани со употребата на новите никотински производи во Северна Македонија.

Како истражувачка организација која повеќе од 10 години работи на темата на тутунска контрола, Аналитика апелира до креаторите на политики да преземат конкретни мерки, засновани на факти од теренот.

Истражувањето, спроведено во соработка со Светската банка (февруари–март 2024), открива дека најголем дел од корисниците на несогорливи производи од тутун и е-цигари се млади, кои ги наведуваат вкусот и можноста за користење во јавни простори како главни причини за нивната популарност.
Двојните корисници, кои истовремено користат и традиционални цигари и нови производи, пријавуваат највисоки месечни трошоци – 5.034 денари, што претставува 12% од просечната и 22% од минималната плата.
И покрај високата потрошувачка, интересот за откажување останува низок, а ретко се бара помош од здравствени работници.
💸 Новите производи имаат поволна даночна рамка, но сè уште се поскапи од класичните цигари – со што се зголемува финансискиот товар врз корисниците.

Во контекст на пораките од СЗО презентирани на прес конференцијата по повод Светскиот ден без тутун:
Повеќе од 3,4 милијарди прегледи имаат маркетинг содржините за е-цигари, загреан тутун и никотински кесички
Платени инфлуенсери ги прикажуваат производите како стилски, модерни и „безбедни”
Над 1 милион луѓе годишно умираат во Европскиот регион на СЗО поради употреба на тутун

Нашите податоци од теренот говорат јасно: младите стануваат главна цел на индустријата, а потрошувачката на тутун и никотински производи носи сериозни економски и здравствени последици.

Аналитика повикува на следни чекори:

✅ Забрана на вкусови што привлекуваат млади
✅ Ограничување на употребата на сите никотински производи во јавни простори
✅ Даночна политика усогласена со препораките на СЗО
✅ Инвестирање во јавно-здравствени кампањи и достапни програми за откажување

На овој 31 мај, Светски ден без тутун, време е да се преземат одлучни чекори за заштита на јавното здравје и идните генерации. Индустријата се менува – но целта останува иста. Време е за поодлучна политика, заснована врз факти.