Skip to main content
Економија

Форум за земјоделска политика 2025, денес и утре во Охрид

03/06/2025  08:14

Најважните предизвици и можности со кои се соочува земјоделскиот сектор во регионот, со акцент на пристапувањето во ЕУ, иновациите и климатската отпорност ќе бидат во фокусот на 25-иот форум за земјоделска политика кој ќе се одржи во Охрид, во организација на Постојаната работна група за регионален рурален развој (SWG) во Југоисточна Европа, во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Форумот за земјоделска политика (APF), дводневен настан, претставува платформа за политички дијалог за земјоделството и руралниот развој во Југоисточна Европа. Според најавите, ќе собере над 100 важни учесници од регионот и пошироко, со цел да се дискутираат клучните проблеми и можности кои го засегаат земјоделското производство во регионот.

Темата на овогодишното издание гласи: „Насочување кон интеграција во ЕУ и влијанието на климатските промени врз земјоделството: Обезбедување иднина за нашите земјоделци и храна во Југоисточна Европа“.

Освен пленарните седници, Форумот ќе организира и три тематски работни групи кои ќе се фокусираат на: органско производство, адаптација кон климатските промени во земјоделството и развој на аграрните политики.

Понатаму, со изработка на политички документ со кратки препораки, познат како „APF Охрид Агенда 2025“, форумот има цел да ја подготви основата за дискусија на претстојната средба на министрите за земјоделство од ЈИЕ, закажана за крајот на септември 2025 година.

Форумот првпат е организиран во 2001 година со цел да се поттикне креирањето на политики во Југоисточна Европа, кои се засноваат на докази.