Skip to main content
Македонија

Собранието се штити од граѓаните: Нов закон забранува протести и дронови околу парламентот

02/06/2025  22:40

Во Собранието на Република Северна Македонија е предложен нов закон со кој просторот околу законодавниот дом ќе биде прогласен за безбедносна зона. Законскиот предлог е поднесен во скратена постапка, со авторство на претседателот на Собранието Африм Гаши и пратеникот Беким Ќоку од коалицијата „Вреди“, а е поддржан од пратеници од сите пратенички групи, вклучително и Блерим Беџети, Борислав Крмов, Весна Бендевска, Никола Мицевски и Оливер Спасовски.

Главната цел на предлог-законот, според образложението на предлагачите, е зголемување на безбедноста на институцијата. Но, дел од содржината укажува и на обид да се спречи реализација на веќе одобрени градежни активности, како што беше изградбата на катна гаража во дворот на Собранието – проект кој потекнува од 2014 година, кога приватен инвеститор на јавно наддавање купил државно земјиште и добил одобрение за градба.

Предлог-законот предвидува поништување на сите дозволи за градба издадени пред стапување на законот во сила, како и раскинување на склучени договори за користење на земјиштето во просторот што ќе биде прогласен за безбедносна зона.

Но најконтроверзни се одредбите од членот 8, кои воведуваат сериозни ограничувања на јавниот простор околу зградата на парламентот. Тие вклучуваат:

  • Забрана за градежни активности
  • Забрана за поставување инсталациона и линиска инфраструктура
  • Забрана за одржување јавни собири, протести и манифестации
  • Забрана за летање со дронови и други беспилотни летала над Собранието и околината

Предлагачите се повикуваат на примери од Австрија, Белгија, Германија и Романија, каде слични зони се законски регулирани заради заштита на националните парламенти.

Законот веќе е во фаза на второ читање, а реакциите од јавноста и граѓанскиот сектор се очекуваат веднаш по неговото целосно разгледување во комисиите и пленарната расправа.