Skip to main content
Магазин

Вечерва музички спектакл на Здравко Чолиќ во Скопје

02/06/2025  21:25

По шест години пауза, музичката икона на Балканот, Здравко Чолиќ, се враќа во Скопје – и тоа на голема врата. За првпат во својата кариера, Чолиќ ќе настапи со симфониски оркестар, што го прави концертниот настан ексклузивен и несомнено најочекуваниот музички спектакл во 2025 година.

Интересот за концертите е огромен. Веднаш по објавата, влезниците за сите три закажани настапи беа распродадени за рекордно кратко време. Вечерва, во СЦ „Борис Трајковски“, Чолиќ го одржува првиот од трите концерти – долгоочекуван момент за скопската публика која го следи неговото дело со децении.

Концертите беа првично закажани за 18, 19 и 21 март, но беа одложени поради трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во знак на почит кон настраданите. Сега, со обновени датуми и уште поголем ентузијазам, Чолиќ се враќа на сцената во главниот град – со емотивен и грандиозен музички перформанс.

Публиката очекува вистинска музичка магија, збогатена со звуците на симфонијата, со најголемите хитови од неговата богата кариера. Настапите на Чолиќ секогаш биле повеќе од концерти – тие се моменти на генерациско спојување, носталгија, емоција и вистинско музичко доживување.

Дел од атмосферата погледнете ОВДЕ.

Фото: Марио Андоновски