
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, заедно со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес пред Владата го промовираа новиот концепт за споделување возила – Car Sharing. Оваа услуга претставува значаен чекор кон одржлив урбан транспорт и намалување на загадувањето во земјата.
Министерот Меџити истакна дека Avant2Go е првиот целосно електричен систем за споделување возила во Македонија, кој се базира на развиена техничка инфраструктура и носи повеќекратни еколошки, социјални и економски придобивки за целото општество.
„Користењето на електрични возила значи нулта емисија на штетни гасови, што директно го намалува загадувањето на воздухот, особено во урбаните средини. Дополнително, електричните возила се многу потивки од класичните, овозможувајќи подобра животна средина во градските јадра. Според светските стандарди, едно car-sharing возило може да замени 10 до 15 приватни автомобили”, истакна Меџити.
Проектот е целосно усогласен со Зелената агенда за Западен Балкан и придонесува кон исполнување на обврските за климатска транзиција, што е клучен елемент во евроинтегративниот процес, додаде првиот вицепремиер.
„Car Sharing услугата носи економски бенефити за граѓаните, бидејќи ги намалува потребите за купување на второ или трето возило во домаќинствата. Avant2Go не е само технолошка новина, туку стратешка инвестиција во екологија, сообраќај и економија, која покажува како иновацијата и одржливоста можат да се спојат за подобра иднина на сите граѓани,” рече Меџити.
Министерството за животна средина и просторно планирање ќе продолжи да ги поддржува ваквите иницијативи како дел од својата посветеност за создавање системски услови за зелена транзиција во сообраќајот, енергетиката и секојдневниот живот на граѓаните.