
Албанија е на четвртото место во Европа по бројот на затвореници на 100 илјади жители, зад Турција, Унгарија и Литванија.
„Според последните податоци на Евростат, кои се однесуваат на податоците од 2023 година, нивото од 181,7 затвореници на 100.000 жители е значително повисоко од просекот на Европската Унија, кој изнесува 111,4 затвореници. Нашата земја води и во регионот, а потоа следат Србија, Црна Гора и Северна Македонија, објави албанската државна телевизија.
Додава дека високиот број на затвореници, следствено, довело до пренатрупани затвори, во споредба со поголемиот дел од Европа.
-Бројот на луѓе кои издржуваат казна е голем, но честопати бројот на оние кои се во притвор е уште поголем. Во тоа немаат некое поголемо влијание ниту амнестиите, смета експертот за безбедност Фатјон Софта.
Тој ги смета за загрижувачки тренд дискусиите меѓу Албанија и неколку западни земји за трансфер на затвореници за доиздржување на казната на албанска територија.
-Доцнењето на судските постапки е уште еден аспект што влијае на пренатрупаноста на затворите. Забрзувањето на овие постапки е решение, но и другите алтернативни безбедносни мерки за кривични дела кои не претставуваат висок ризик, смета Софта.
Наведува дека создавањето услови за работа на отворените затвори е уште една алтернатива која ќе услови намалување на оптовареноста на затворските институции.