Skip to main content
Свет

На Русија ќе ѝ требаат  речиси 100 години за да направи „тампон зона“ од Украина

27/05/2025  08:20

Доколку продолжи со сегашното темпо на офанзива и загуби, на руската армија ќе ѝ бидат потребни 91 година и 50 милиони војници за да создаде „безбедносна зона“ од речиси цела Украина, како што предложи Дмитриј Медведев, заменик претседател на Советот за безбедност на Русија, објави вашингтонскиот Институт за изучување на војната.

Медведев претходно се закани дека Русија ќе воспостави „тампон зона“ од речиси целата територија на Украина, освен мали делови од Волинската и Лавовската област. Според институтот, руската војска напредува во просек само по 14,3 квадратни километри дневно, губејќи околу 1.500 војници за едно деноноќие.

Според пресметките, за да ја освои целата област што Медведев ја посакува, или 587.000 квадратни киломентри, Русија би морала да војува речиси цел век, а за да ги освои само преостанатите неокупирани делови од Донецка, Луганска, Запорожска и Херсонска област, ќе ѝ бидат потребни скоро четири години.

Путин уште од 2023 година бара создавање на некаква „заштитна зона“ за заштита руските градови од украински артилериски напади. Минатиот четврток, тој повторно истакна дека руската армија веќе започнала со реализација на оваа задача.

ИСВ и „Њујорк тајмс“ укажаа дека од почетокот на 2024 година руската армија освоила нешто повеќе од 4.700 квадртни километри, што е помалку од 1отсто од украинската територија.

Американските проценки говорат дека од јануари 2024 до април 2025 година руските загуби надминале 400 илјади војници (убиени и ранети), или во просек 84 војници за секој квадратен километар територија. Меѓународниот институт за стратешки студии проценува дека од почетокот на инвазијата до јануари 2025 година Русија изгубила вкупно 783 илјади војници, од кои 172 илјади се убиени.

Заклучно мај 2025 година, руската армија контролира околу 20% од Украина – речиси целата Луганска област, како и околу 70% од Донецката, Запорожската и Херсонската област. Но, најголемиот дел од тие територии биле освоени во првите недели од војната.