
Наша амбиција е да сме различни од претходните влади и да реализираме проекти, пред се инфраструктурни. Спремни сме и многу мотивирани. Всушност и брзината со која што дојдовме до овие два договори – Влада со Влада и стратешко партрнерство, е најдобра потврда за ова што го зборуваме. Она на што сум особено горд е дека ова е прв договор од ваков тип кој што Велика Британија го потпишува со кого било во регионот што покажува дека Македонија ја гледа како свој најсилен партнер во регионот, вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за МИА.
– Најдобра потврда за ова што го зборуваме е дека на другата страна ја имаме Велика Британија. Тоа е светска сила број два, нуклеарна сила, земја членка на Советот за безбедност, земја победник во Втората светска војна и единствена кралска империја која што преживеа во светот. Така што не случајно тие потпишуваат со нас договори и не е дека потпишуваат со секого договори. Како што кажав ние сме единствени во целиот регион со кого имаат потпишано договори, вели Николоски на прашањето за забелешките во јавноста околу капацитетот на Владата да ги реализира проектите утврдени со договорот потпишан со Владата на Обединетото Кралство.
Во интервјуто тој говори и за условите за користење на парите од договорот, кога ќе се случат првите активности на терен за планираните проекти, а најавува и можност за влез на нискобуџетниот ирски авиопревозник „Рајанер“ на македонскиот пазар.
Вицепремиерот Николоски и британскиот министер за економија и извоз Герет Томас во четвртокот во Лондон го потпишаа Договорот во врска со партнерството за реализација на инфраструктурни проекти, со кој земјава добива на располагање историски најголем обем на средства од пет милијарди фунти за реализација на капитални проекти. Со проектите од договорот и стратешкото партнерство се очекува да се поттикне економскиот раст и да се подобри животот на граѓаните во земјава, а билатералните односи меѓу двете држави да се издигнат на едно ново ниво.
Вториот договор за стратешко партнерство помеѓу Македонија и Обединетото Кралство, кој што ја опишува целокупната политичка и економска рамка на соработка помеѓу државите, во следниот период ќе го потпишат двајцата премиери Христијан Мицкоски и Кир Стармер, наведува Николоски.