
Мајмунските сипаници (Monkeypox) се вирусна инфекција што се пренесува од животни на луѓе и потоа може да се шири меѓу луѓето. Станува збор за болест слична на класичните сипаници, но обично со поблага клиничка слика. Вирусот првпат е идентификуван во 1958 година кај мајмуни, а првиот случај кај човек е регистриран во 1970 година во Демократска Република Конго.
Иако болеста долго време беше ограничена на делови од Централна и Западна Африка, последниве години е регистриран пораст на случаи и во други делови од светот, вклучително и во Европа и на Балканот.
Како се пренесува вирусот Monkeypox?
Мајмунските сипаници се пренесуваат преку неколку патишта:
- Од животно на човек – преку директен контакт со крв, телесни течности или лезии од заразено животно. Пренос е можен и преку консумација на недоволно обработено месо од заразено животно.
- Од човек на човек – најчесто преку:
- Близок физички контакт, особено со осипот или пликовите.
- Контакт со телесни течности.
- Респираторни капки, особено при подолготраен близок контакт лице в лице.
- Контаминирани предмети (постелнина, облека, прибор).
Иако не е класично сексуално пренослива болест, интимниот физички контакт, вклучувајќи и сексуални односи, претставува ризик за пренос.
Кои се симптомите на мајмунските сипаници?
Инкубацискиот период е од 5 до 21 ден. Болеста обично се развива во две фази:
Прво се јавуваат симптоми како:
- Висока температура
- Главоболка
- Болки во мускулите и зглобовите
- Умор и општа малаксаност
- Зголемени лимфни жлезди (што ја разликува болеста од обичните сипаници)
По неколку дена, се појавува карактеристичен осип, најчесто на лицето, дланките, табаните и гениталната област. Осипот се развива во пликови кои подоцна пукаат, се сушат и паѓаат. Болеста трае од две до четири недели и најчесто минува без компликации.
Како се лекува?
Во поголем број случаи, мајмунските сипаници поминуваат самостојно. Лекувањето е симптоматско и вклучува:
- Средства за намалување на температурата
- Одмор и доволна хидратација
- Лекови против болка и чешање
Постојат и антивирусни лекови како тековиримат, кои се користат во потешки случаи и под надзор на лекар.
Дали има простор за паника?
Не. Здравствените власти преземаат навремени и ефикасни мерки. Со соодветна изолација на потврдените случаи и следење на контактите, ширењето на инфекцијата може да се контролира.
Што да направите ако се сомневате на инфекција?
Доколку имате симптоми, веднаш контактирајте го вашиот матичен лекар или најблиската инфективна клиника. Не се препорачува контакт со други лица додека не се потврди или исклучи дијагнозата. Раната дијагноза и одговорноста се клучни за спречување на понатамошно ширење на болеста.