Skip to main content
Балкан

Албанија отвори нов кластер во преговорите со ЕУ, Македонија се уште во чекалната

22/05/2025  23:20

На денешната Меѓувладина конференција за пристапување во Брисел, Албанија направи значаен чекор напред во евроинтегративниот процес, отворувајќи го четвртиот кластер од преговорите со Европската унија – Група 3: Конкурентност и инклузивен раст. Овој кластер опфаќа осум поглавја и претставува дел од новата методологија за преговори, која се применува од 2020 година.

Досега, Албанија има отворено четири тематски кластери:

  1. Кластер 1 – Основи (вклучува правда, фундаментални права, јавни набавки, безбедност и финансиски надзор)
  2. Кластер 2 – Внатрешен пазар
  3. Кластер 3 – Конкурентност и инклузивен раст
  4. Кластер 6 – Надворешни односи

Од ноември 2023 година до денес, Албанија веќе отвори преговори во 16 поглавја. Со денешните осум, вкупниот број се искачи на 24 од вкупно 35 поглавја. Очекувањата се дека земјата ќе отвори нови поглавја и во јуни, со што уште повеќе ќе се доближи до Црна Гора – државата која досега е најнапредната во процесот и ги има отворено сите поглавја.

Во контраст, Северна Македонија сè уште се наоѓа во првата фаза од преговорите, односно во скрининг процесот. Иако скринингот беше успешно завршен, земјата не може да ги отвори кластери и поглавја сè додека не ги усвои уставните измени за вклучување на бугарското малцинство, што е дел од преговарачката рамка договорена со ЕУ.

Ова го блокира понатамошниот напредок на земјата во пристапниот процес, и покрај тоа што го започна заедно со Албанија во јули 2022 година.

Иако новата методологија ги групира поглавјата во тематски кластери за поефикасен преговарачки процес, затворањето на поглавјата и понатаму се врши поединечно, со исполнување на конкретни критериуми и реформи.

Со вакво темпо, Албанија се позиционира како лидер во евроинтеграцијата во регионот.