Skip to main content
Македонија

Скандал во Карпош: Концерти во дивоградба, опасност за посетители и изведувачи

22/05/2025  16:13

Општинскиот градежен инспектор на Општина Карпош спроведува постапка за отстранување на бесправно изграден објект кој се наоѓа спроти поранешната Американска амбасада, објект кој јавноста подолго време го препознава и како поранешниот клуб „АБЦ“.

Овој објект, кој досега променил неколку сопственици, сега функционира под името „Ria’s“ (Риа’с). И покрај тоа што за него е во тек постапка за отстранување, сопствениците не соработуваат со надлежниот инспектор, а паралелно со тоа – дрско најавуваат големи музички настани.

На 5 јуни е најавен настап на хрватската ѕвезда Јелена Розга, на 19 јуни српската пејачка Наташа Беквалац, а на 26 јуни Владо Георгиев – сето тоа во објект кој е дивоградба и не ги исполнува минимум законските и безбедносни стандарди за вакви јавни собири.

Општина Карпош преку ова соопштение јавно ги информира Пазарната инспекција, Управата за јавни приходи, Министерството за внатрешни работи, како и Дирекцијата за заштита и спасување, дека станува збор за безбедносно ризичен простор.

Локалната самоуправа ја продолжува постапката согласно законите, но изразува згрозеност од одлуката на естрадните уметници да прифатат настапи во вакви услови, особено по неодамнешната трагедија во Кочани.

„Не можеме да разбереме како, по сето тоа што се случи, некој може свесно да настапува во објект што не само што е нелегален, туку и опасен и за нив, и за публиката“, стои во реакцијата од Општина Карпош.