
Полицијата денеска спроведува координирана акција за расчистување на организирана криминална шема поврзана со незаконско регулирање на престој за странски државјани во земјава, јавува 4News.
Акцијата, според достапните информации, има и внатрешен карактер и претставува обид за “чистење” на институциите од криминални мрежи.
Според извори блиски до истрагата, зголемено полициско присуство е забележано во Штип, Скопје и на дел од граничните премини кон Косово. Активностите се дел од поширока акција која, неофицијално, вклучува претреси на повеќе од 10 локации – вклучително домови, возила, како и службени простории.
Особено внимание предизвика претресот во просториите на Канцеларијата за странци, која се наоѓа во зградата на Македонската радио-телевизија (МРТ).
Неофицијално Плусинфо пренесува дека се одземаат мобилни телефони, лични предмети и значајна документација која, според сомневањата, е директно поврзана со функционирањето на нелегалната шема.