Search

Полицијата го предупреди писателот Гејман поради непочитување на здравствените мерки

Британскиот писател Нил Гејман се извини што патувал од Нов Зеланд до неговиот дом на шкотскиот остров Скај, со што ги прекршил мерките за превенција на ширење на коронавирусот, пренесува „Ројтерс“.

Полицијата разговарала со прочуениот автор на бестселери во врска со неговите постапки, откако открила дека поминал приближно 18.000 километри до Велика Британија, слетал во Лондон и потоа се упатил кон неговиот дом на островот Скај на почетокот на месецов.

Пратеникот кој ја претставува таа област, лидерот на шкотската Национална партија во парламентот во Вестминстер, Иан Блекфорд, остро го критикуваше писателот за неговите, како што ги нарече, себични постапки.

„Сакам да им се извинам на сите на островот што направив таква гужва,“ напиша писателот на својата веб-страница.

„Исто така, сакам да ѝ се заблагодарам и извинам на локалната полиција, која сигурно имала поважна работа отколку да ме проверува. Сум правел и поглупи работи во мојот живот, но ова е дефинитивно најглупавата од поодамна.“

Тој додава дека се вратил од Нов Зеланд кога мерките биле ублажени и дека тој и неговата сопруга се договориле да си дадат простор еден на друг. Неговата сопруга, Американката Аманда Палмер, е музичар и изведувач. А Гејман е  познат во светот по големите бестселери „Коралина“, „Ѕвезден прав“, „Океан на крајот од патот“, „Американски богови“, „Добри предзнаци“, култната „Книга за гробиштата“, како и по многуте филмски адаптации на неговите дела.

Шкотска одржува построги превентивни мерки и прописи во споредба со Англија, им кажува на граѓаните да останат дома и ги советува да избегнуваат прекугранични патувања.

Треба да знаете
Последни објави