Skip to main content
Македонија

Нов министер за здравство ќе има следната недела, таа позиција останува во „Вреди“, вели Мицкоски

21/05/2025  13:51

Владините коалиционери се договориле до крајот на оваа недела да се дефинираат кадровските решенија по излегувањето на Арбен Таравари од Алијанса за Албанците од Владата и од коалицијата „Вреди“. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека предлогот за нов министер за здравство ќе биде доставен до Собранието следната недела.

Иако кажа дека позицијата министер за здравство останува во Вреди, премиерот Мицкоски нагласи дека како претседател на Владата има право да каже не за евентуален предлог на личност со која не би можел да соработува.

Откога стана извесна оставката на Таравари, лидерот на Беса, Билал Касами кој е дел од владината коалиција, кажа дека не е исклучена можноста за менување ресори со ВМРО-ДПМНЕ, односно дека е можно „Вреди“ да го преземе ресорот образование, а да го отстапи здравството поради што, неофицијално, актуелната министерка за образование Весна Јаневска се спомнуваше како кандидат за министерка за здравство. Таа кажа дека има уште многу работа во ресорот образование и потсети дека одлуките за состав на Владата ги носи премиерот и дека таа ќе оди онаму каде што премиерот ќе одлучи дека и треба на државата. Освеннеа,, како можен министер за здравство, неофицијално, беше споменат и актуелниот директор на Фондот за здравство, Сашо Клековски. Тој изјави дека доколку му боде предложено ќе прифати да биде министер за здравство, но доколку се обезбеди соодветна замена за него во Фондот.