
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова наскоро треба да го достави предлогот за нов гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија. Мандатот на актуелната гувернерка, Анита Ангеловска-Бежоска, истекува утре, но согласно законските прописи, таа ќе продолжи да ја извршува функцијата сè до изборот на нејзин наследник од страна на Собранието.
Во изјава дадена вчера, претседателката посочи дека е блиску до конечната одлука, но не откри конкретно име:
„Не го кажувам прво името пред новинарите, се надевам дека не се лутите, но веќе мислам дека знам. Сметам дека треба да се разговара со сите потенцијални кандидати – да се слушнат нивните мислења за работата и за други кандидати. Би сакала да има повеќе избор, но тоа не е секогаш возможно.“
Иако официјалната одлука сè уште не е објавена, според неофицијални информации, како најсериозни кандидати се споменуваат самата Ангеловска-Бежоска, Трајко Славески – професор на Економскиот факултет, и Зоран Ставрески – поранешен министер за финансии.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува новиот гувернер да биде фигура на стабилност и економски развој:
„Да почекаме да видиме кој ќе биде предлогот доставен во Собранието од Кабинетот на претседателката.“
Анита Ангеловска-Бежоска е на чело на Народната банка од 22 мај 2018 година. Претходно, функцијата ја вршеа Димитар Богов (2011–2018), Петар Гошев (2004–2011), Љубе Трпески (1997–2004) и Борко Станоевски (1986–1997). Одлуката на претседателката, која се очекува наскоро, ќе биде клучна за континуитетот и насоката на монетарната политика во земјата.