Skip to main content
Македонија

„Кој работи – останува, кој не – си оди“: Мицкоски со силна порака до функционерите

18/05/2025  15:41

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави сериозни кадровски промени и реконструкција на Владата и партијата по завршувањето на редовниот конгрес, кој треба да се одржи до крајот на оваа година, најдоцна на почетокот на следната.

– По конгресот ќе има големи промени. Ќе останат само тие што ќе се покажат со својата работа. Останатите, кои нема да ги исполнат очекувањата на граѓаните, ќе ги поздравам и ќе им се заблагодарам – изјави Мицкоски на годишната конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

Со оваа порака, премиерот испрати јасен сигнал дека ќе следува кадровско „чистење“ и дека приоритет ќе имаат резултатите и ефективноста во работата на функционерите.

Во продолжение на обраќањето, Мицкоски се осврна и на претстојните локални избори, најавувајќи дека кандидатите за градоначалници ќе бидат соопштени во два циклуси, а првиот список ќе биде објавен до крајот на месецов.

– Во моментов нашите кандидати речиси во сите општини водат најмалку 3 до 4 пати во споредба со кандидатите на опозицијата. Победата на ВМРО-ДПМНЕ е извесна. Единствено прашање е дали опозицијата ќе освои 2, 3 или 4 општини. А не би бил изненаден и ако не освојат ниту една – порача премиерот.

Оваа изјава доаѓа како сигнал за мобилизација во партијата пред локалните избори, со јасна порака за кадровска одговорност и самоувереност за изборен успех.