Skip to main content
Балкан

Инцидент на изборите во Романија, полицијата го истера кандидатот Симион од избирачкото место

18/05/2025  14:18

Романскиот претседателски кандидат и лидер на ултранационалистичката партија Алијанса за единство на Романците, Георге Симион, и кандидатот на минатогодишните поништени избори, Калин Ѓорѓеску, беа изнесени од гласачко место во Могосоаја (предградие на Букурешт) од страна на полицијата.

Симион и Ѓорѓеску сакаа да дадат изјави на гласачкото место веднаш по гласањето, што е забрането со закон.

Полицаецот ги информирал политичарите дека јавните настапи се забранети на гласачките места, по што биле принудени да излезат во ходникот на училиштето, каде што се наоѓало гласачкото место.

„Она што го направи е погрешно“, му рече Симион на полицаецот, изразувајќи го своето незадоволство од постапките на полицајците.

Откако го напушти гласачкото место, Ѓорѓеску им рече на новинарите дека гласал „за христијанска Романија“ и „семејни вредности“.

Се очекува излезноста да биде голема, а денот на изборите се одвива во атмосфера на зголемена тензија и построги безбедносни мерки, особено во урбаните центри. Романските власти ги предупредија сите кандидати и партии да го почитуваат изборниот молк и забраната за политички активности во и околу избирачките места.

Да потсетиме, на Калин Ѓорѓеску, ултранационалистички политичар и поранешен кандидат за претседател на Романија, му беше забрането да учествува на претседателските избори во 2025 година откако властите утврдија дека неговата претходна кампања била под влијание на странско мешање и неправилности во финансирањето.

На претседателските избори во ноември 2024 година, Ѓорѓеску неочекувано освои најмногу гласови во првиот круг, но романскиот Уставен суд ги поништи резултатите од изборите на 6 декември 2024 година, наведувајќи докази за руско мешање во кампањата, вклучително и користење на стотици сметки на „TikTok“ за негова промоција, како и непријавени донации во износ од околу еден милион евра.