
Граѓанското движење „Кој е Следен?“ упати јавен повик до сите совесни граѓани да им се придружат на семејствата на загинатите млади во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Секој сабота во 16:05 часот, родителите, блиските и поддржувачи на жртвите се собираат во „Паркот на револуцијата“ во Кочани и маршираат низ улиците на градот, барајќи правда и одговорност од институциите. Тие не престануваат да говорат за неправдата, со цел трагедијата никогаш да не се повтори.
Од движењето „Кој е Следен?“ апелираат до сите што сакаат да дадат поддршка, да се приклучат на наредниот „Марш на Ангелите“ и заеднички да го кренат гласот против институционалната рамнодушност и селективната правда. Тие потенцираат дека семејствата на жртвите, иако скршени од болка, не се откажуваат од борбата за вистината и заслужуваат масовна граѓанска поддршка.
„ОДИМЕ ЗА КОЧАНИ да го поддржиме ‘Маршот на Ангелите’. Граѓаните на Кочани протестираат макотрпно секоја недела и потребна им е нашата поддршка!“, стои во објавата на движењето на социјалните мрежи. За сите заинтересирани, организиран е собир во Скопје — во 12:00 часот на паркингот помеѓу Спортскиот центар „Јане Сандански“ и хотелот „Хилтон“, а поаѓањето кон Кочани е закажано за 13:00 часот.
Граѓаните кои сакаат да одат, како и оние кои можат да понудат сопствен превоз, се повикани да се пријават преку онлајн формулар поставен во биографијата на профилот на „Кој е Следен?“. Целта е да се обезбеди што поголема логистичка поддршка за сите што сакаат да присуствуваат.
„Да не останат сами! Да нема следни!“, порачуваат од движењето, потсетувајќи дека ова не е само борба на неколку семејства, туку борба за општество во кое одговорноста и правдата ќе важат за сите подеднакво.
Поддршката за овие протести расте од недела во недела, а гласот на родителите од Кочани станува симбол на отпорот против институционалната неказнивост.