Ѓилас: ССП останува на одлуката за бојкот на изборите

Српската опозициска Партија за слобода и правда (ССП) останува на одлуката да ги бојкотира изборите на 21 јуни, изјави лидерот на ССП, Драган Ѓилас, по седницата на Претседателството на партијата.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Ѓилас истакна дека е свесен дека одлуката за бојкот „не е лесна, ниту феноменална”, но е убеден дека таа ќе овозможи во некоја блиска иднина да дојде до промени во Србија и на вистински избори да дојде до мирна промена на власта.

Коментирајќи ја одлуката на Движењето на слободни граѓани (ПСГ) за излез на изборите, како и наводите во медиумите дека некои други опозициски партии се подготвени да ја променат одлуката за бојкот, Ѓилас рече дека заради впечатокот за Европа, подобро би било опозицијата да остане обединета.

Тој потсети дека пред една недела е покрената дипломатска иницијатива и е испратено писмо до Европскиот парламент, кое беше потпишано и од ПСГ, и во кое се наведува дека во Србија нема услови за фер избори.

– Добивме изјава од некои луѓе од Европскиот парламент дека нема услови за брзи избори. Мислам дека тоа (излез на изборите) е лошо, не мислам дека нешто ќе се смени во смисла дали 80, 50 или 20 пратеници од опозицијата ќе седат во парламентот, рече Ѓилас.

Тој додаде дека опозициските политичари, како и останатите граѓани, биле затворени 50 дена во „живот што не е живот”, дека биле во еуфорија и страв и дека во такви услови не требало да се менуваат одлуките.

– Ако ова беше пристојна земја, претседателот ќе речеше: „ајде да седнеме, да разговараме, да ги поместиме изборите барем на есен”, но не, гледам пораки утрово дека во јуни ќе дојдат кинески вакцини од Си Џинпинг за да нè спасат. Кој ќе прима кинески вакцини кои не се тестирани? Повторно е лудница како на почетокот кога короната не ни можеше ништо, оцени Ѓилас.

Треба да знаете
Последни објави