Културните активности во Грција ќе се враќаат постепено, во фази

Археолошките локалитети, меѓу кои се Акропол и античка Олимпија, ќе се отворат на 18 мај 2020 година, со што почнува постепеното враќање на културните активности во Грција.

Министерката за култура на Грција Лина Мендони денеска го презентираше планот за враќање во нормала што се однесува на музеите, археолошките локалитети, кината, фестивалите и концертите, но под одредени услови и правила. Паралелно таа најави и поддршка на уметниците и нивно вклучување во владината програма за вработени во периодот на кризата со Ковид-19, кои поради затворените бизниси и компании принудно останаа дома, јави дописничката на МИА од Атина.

Во првата фаза, на 18 мај 2020 година ќе се отворат археолошките локалитети, ќе бидат дозволени проби за уметниците, а ќе почнат и снимањата на филмови.

На 1 јуни 2020 година ќе се отворат летните кина, две седмици подоцна музеите, а од 15 јули 2020 година, ќе биде дозволено одржување настани на отворено,  како што се фестивалите, концертите, претставите и сл.

Мендони истакна дека доколку биде потребно и во зависност од епидемиолошките податоци, конкретниот план може да претрпи измени.

Во секој случај, планирани се посебни мерки и правила за заштита како на вработените, така и на посетителите.

За музеите, археолошките локалитети и летните кина постои препорака посетителите да носат заштитни маски и да имаат антисептички средства, ќе влегуваат само конкретен број лица на секој час, а ќе има и посебен процес за влез и излез на посетителите.

Во археолошките локалитети ќе треба да се држи растојание од 1,5 метар, во музеите два метри, а  летните кина ќе работат со 40 отсто од капацитетот.

За настаните во живо, како што се фестивалите или концертите, што ќе почнат од средината на јули, ќе важат посебни правила, како што се оддалеченоста на сцената од првите седишта, да се користи најмногу 40 отсто од капацитетот, да постои растојание меѓу посетителите, да се користи маска и сл.

Министерката за култура на Грција соопшти дека ќе се прошири и дополни програмата за поддршка на вработените со 800 евра и ќе бидат вклучени и оние уметници кои претходно не ги исполнувале условите.

Треба да знаете
Последни објави