Грчките угостители учествуваат во европските протести „Празни столици”

Со празни столици поставени на централните плоштади во различни градови низ Грција, Грчката федерација на угостителски и сродни професии, вечерва ќе учествува во европските симболични протести под наслов „Empty chairs” (празни столици), за да побара ефективни решенија за да преживее конкретниот сектор, јави дописничката на МИА од Атина.

Централниот настан е закажан за 20 часот на плоштадот Синтагма во Атина, што ќе биде, како што најавуваат организаторите, „нем симболичен чин на оние чии бизниси се поврзани со угостителството и забавата”.

Според најавите, претставници на Федерацијата ќе постават празни столици, без присуство на вработените и сопствениците од конкретниот сектор.

Рестораните и кафулињата во Грција, планирано е да се отворат на 1 јуни, но само надворешните делови.

За подготовките за укинување на ограничувањата во угостителството, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вчера одржа состанок преку видеоконференција со надлежните министри, со претседателот на Сојузот на општини, како и со градоначалниците на Солун и Атина, а станало збор за потребата да се задржат работните места и да се зголеми просторот за поставување маси, но само за конкретниот период и без зголемување на општински такси.

Мицотакис рече дека доколку епидемиолошката ситуација во земјата се движи во иста насока како и досега, тогаш е апсолутно изводливо отворањето на 1 јуни, но под веќе поставените предуслови.

Треба да знаете
Последни објави