
Масовната урбанизација на просторот, долгите постапки за донесување на урбанистички планови, недонесените годишни програми за подигнување и одржување на зеленилото, финансирањето на урбанистички планови од приватни лица, неизрекувањето на глоби кон прекршителите, придонесуваат да не се исполни препорачаниот стандард на озеленетост во градовите, констатира Државниот завод за ревизија.
Во денеска објавената ревизија на успешност на тема „Урбанистичко планирање на зелената инфраструктура во градовите“ со цел да се даде одговор на прашањето „Дали мерките и политиките на централната и локалната власт обезбедуваат ефикасно планирање на зелената инфраструктура во градовите?, се наведува дека со опфатот и доказите кои биле обезбедени по пат на примена на ревизорската методологија и техники, ревизорите стекнале разумно уверување дека мерките и политиките на централната и локалната власт не обезбедуваат ефикасно планирање на зелената инфраструктура во градовите.
Според ДЗР, поделбата на дејноста просторно и урбанистичко планирање и некоординираноста на надлежните институции, резултира со недостаток на правна рамка што ќе го уреди просторното планирање и зелената инфраструктура, а со законските решенија за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти се нарушува системот на урбанистичко планирање.
Како што наведува ДЗР, постојниот Просторен план не претставува добра основа за дефинирање на стратешките и планските документи во државата од пониско ниво, кои во периодот од 2021 до 2024 година се донесуваат врз основа на неажурирани податоци и информации и не соодветствуваат на состојбите во државата. Поради слабости во дефинирање на надлежностите на институциите /органите инволвирани во процесот и невоспоставената институционална соработка и координација, паралелно се водат и одржуваат два информациски системи кои не ги споделуваат во целост податоците во Национална инфраструктура на просторни податоци.
Од 34 општини со седиште во град само две општини (Град Скопје и Општина Охрид) имаат донесено стратегии за развој на зеленилото, Зелен катастар во форма на ГИС[1] портал имаат три општини (Град Скопје, Кавадарци и Охрид), а 18 општини не ја испочитувале обврската за донесување на годишни програми за подигање и одржување на зеленилото, што укажува на немање долгорочна визија, цели, активности и индикатори за следење на урбаното зеленило на локално ниво, стои во извештајот.

Постапката за донесување на урбанистички планови се врши преку електронски систем е-урбанизам, но, посочуваат ревизорите, поради комплексноста, обезбедувањето на мислења од 22-30 институции / установи и правни лица, должината на законски утврдените рокови и нивното недоследно почитување, од вкупно 34 општини со седиште во град, 8 општини (23 проценти) имаат важечки ГУП, 24 општини (71 процент) имаат ГУП со изминат плански период, а две општини (6 проценти) воопшто немаат донесено генерален урбанистички план. Генералните урбанистички планови на 14 општини се донесени по изминување на 3 до 5 години од планскиот период за кој се однесуваат, со што градовите не се во можност да ги разработат со детални планови за времетраење на периодот.
Во периодот од 2020-2024 година, 77 проценти од постапките за донесување на ДУП во системот е-урбанизам не се завршени поради непочитување на законски утврдениот рок за траење на постапката до 18 месеци која за одредени општини трае и до 4 години. ГУП-овите на 22 општини не го исполнуваат препорачаниот стандард за озеленетост од 25 м2 по глава на жител, а зелените површини кои се одржуваат и новоподигнатите зелени површини во корелација со бројот на жители согласно пописот од 2021 година укажува дека ниту една општина не го исполнува стандардот утврден во одредбите на член 19 од Законот за урбано зеленило.
Снимките од извршеното снимање со дрон на повеќе локации и во повеќе градови покажуваат дека централните градски подрачја на градовите не содржат доволно јавни зелени површини кои треба да придонесат за намалување на загадувањето и чиста животна средина. Општина Чаир и Кисела Вода учествуваат само со 3 проценти од урбаното зеленило на Град Скопје. Иако во ГУП на Штип се предвидени 16,9 проценти зелени површини со намена Д, преку ЈКП „Исар“ од Штип се одржуваат 8,97 ха што претставува само 0,39 проценти од површината на генералниот урбанистички план 2.292 хектари. Актуелниот ГУП на Тетово е со плански период од 2003-2013 година и предвидува 12,4 проценти зелени површини. Карактеристично за Тетово е што нема градски парк, наведува ДЗР.
Оценува и дека изборот на урбанистички планови и проекти на општините кои ќе се финансираат од годишните програми за финансирање на урбанистички планови, донесени од Владата во периодот 2020-2024 година е извршен на нетранспарентен начин, без јавен повик, комисија и критериуми за избор, а средствата кои се предвидени не се доволни за финансирање на сите проекти. Од друга страна, недоволната информираност, заинтересираност и начинот на размислување на граѓаните за учество во постапките за донесување на урбанистички планови, како и финансирањето на плановите од страна на заинтересираните правни / физички лица со 48 проценти во годишните програми на општините доведува до состојба на преовладување на приватниот над јавниот интерес.

– Општините не обезбедуваат доволно средства за одржување на јавни зелени површини со оглед дека 80 проценти од нив немаат донесено одлуки за наплата на надоместот за одржување на зелени површини, 20-30 проценти ги наплатуваат комуналните такси за користење на јавни зелени површини и поставување рекламни паноа на зелени површини, додека 59 проценти од општините не издвоиле средства за подигнување на нови зелени површини во периодот од 2020-2024 година. Централната и локалната власт нема обезбедено ефикасен мониторинг и контрола, односно неизрекувањето на глоби спрема прекршителите, како и намалените износи на глобите за прекршоци, придонесува зеленилото да се уништува, да не се одржува и да не се заменува со ново зеленило. Министерството за животна средина и просторно планирање не врши надзор над општините во делот на спроведувањето на законските одредби за урбано зеленило и не е обезбедено континуирано следење на состојбите и промените во просторот, од причина што годишните извештаи за степенот на спроведување на просторниот план на државата се изработени со нецелосни податоци за фактичката состојба, а во периодот од 2021 – 2024 година, воопшто не се изработуваат, констатира ДЗР.
За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица за создавање услови со кои ќе се подобри урбанистичко планирање на зелената инфраструктура во градовите. Владата треба да ги задолжи министерствата за животна средина и просторно планирање,
за култура и туризам, и за внатрешни работи, да обезбедат услови за користење на системот за е-урбанизам, како и да обезбеди финансиски средства за реализирање на предвидените планови/проекти согласно Годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови. На Министерството за животна средина и просторно планирање му се препорачува да преземе активности за доработка на предлог Законот за просторно планирање и негово предлагање до Владата, да воспостави надзор над општините од страна на Секторот за соработка со локалната самоуправа и управните и надзорните работи во однос на спроведување на Законот за урбано зеленило.
Министерството за транспорт, пак, треба да преземе активности за утврдување на законски рокови за постапување на советите на општините во постапките за донесување на урбанистичките планови, да изготви критериуми за избор на проекти кои ќе бидат вклучени во годишната програма на Владата и да утврди финансиски средства, поединечно за секој проект. Исто така да утврди законска обврска во Законот за урбанистичко планирање, општините во градот Скопје да доставуваат годишни анализи до Град Скопје за степенот и начинот на спроведување и реализација на ГУП-от со донесените ДУП-ови. Да спроведува кампањи со цел подигање на свеста на јавноста за можностите кои ги дава информацискиот систем е-урбанизам, да донесе подзаконски акт со кој ќе се утврдат прецизни критериуми заначинот на пресметка на надоместот за подигање и одржување на јавни
зелени површини предвиден во Законот за комунални дејности. Да ги измени одредбите на Законот за урбано зеленило во делот на висина на глобите за сторени прекршоци и начинот на изрекување на глобата во делот на недонесување на Стратегија за развој на зеленилото и Зелен катастар
Препораката за Агенцијата за планирање на просторот е да ја интензивира динамиката за донесување на Просторниот план надржавата за период од 20 години.
ДЗР има препораки и за единиците на локалните самоуправи. За донесување стратегии за развој на зеленилото од општините Битола, Гевгелија, Кавадарци, Куманово, Прилеп, Струмица, Штип и Тетово, за воспоставување зелен катастар во форма на ГИС портал достапен за јавноста од општините: Битола, Гевгелија, Охрид, Прилеп, Куманово, Струмица, Тетово и Штип, за донесување на годишни оперативни програми за одржување и подигање на јавно зеленило од општините Битола, Гевгелија, Куманово, Прилеп, Штип и Тетово…
Се препорачуваат активности и за реално планирање на потребите за финансирање на урбанистички планови во годишните програми и определување на финансиски средства поединечно за секој план/проект за Град Скопје и општините: Прилеп, Битола, Кавадарци, Куманово, Штип, Струмица, Охрид, Тетово и Гевгелија. Исто така и за подигање на нови зелени површини со цел постигнување на стандардите за зеленило по глава на жител за Град Скопје и општините: Прилеп, Битола, Кавадарци, Куманово, Штип, Струмица, Охрид, Тетово и Гевгелија. При донесување на урбанистичките планови да се запазат утврдените норми за обезбедување на зелени површини по глава на жител за Град Скопје и општините: Прилеп, Битола, Кавадарци, Куманово, Штип, Струмица, Охрид, Тетово и Гевгелија.
Меѓу препораките се и донесување на одлуки за наплата на надоместокот за одржување на јавни зелени површини и наплата на надоместоците за користење на јавни зелени површини и поставување на рекламни паноа на зелени површини и нивна редовна наплата за општините: Куманово, Кавадарци, Струмица, Битола, Охрид, Тетово, Штип и Гевгелија, како и зајакнување на инспекцискиот надзор од страна на комуналната инспекција и изрекување на санкции за прекршителите на законските одредби за Град Скопје и општините: Прилеп, Битола, Кавадарци, Куманово, Штип, Струмица, Охрид, Тетово и Гевгелија.