Skip to main content
Магазин

Нов данок за туристи во Грција: Еве колку ќе ве чини престојот од ова лето

12/05/2025  16:17


Доколку планирате летен одмор во Грција, имајте на ум дека од оваа година стапија на сила нови даночни правила кои ќе влијаат на трошоците за сместување и посета на популарни дестинации. Земјата воведе повисоки такси за престој и нови надоместоци за туристите што пристигнуваат со крстосувачки бродови, со цел да се подобри одржливоста и да се заштити животната средина.

Износот на новиот данок зависи од типот на сместување и периодот од годината. Во главната сезона (април – октомври), важат следните износи по ноќевање:

  • Хотели со 1-2 ѕвезди: 2 евра
  • Хотели со 3 ѕвезди: 5 евра
  • Хотели со 4 ѕвезди: 10 евра
  • Хотели со 5 ѕвезди: 15 евра
  • Апартмани и Airbnb сместување: 8 евра
  • Куќи и вили над 80 м²: 10 евра

Во текот на зимската сезона (ноември – март), данокот е значително понизок – почнува од 0,50 евра до максимум 4 евра за луксузни сместувања. Надоместокот се пресметува по соба, не по лице, што го олеснува буџетирањето за семејства и поголеми групи.

Данок за патници на крстосувачки бродови:

  • Санторини и Миконос: 20 евра по лице, дневно
  • Останати острови и Атина: 5 евра по лице, дневно

Собраните средства ќе бидат насочени кон проекти за инфраструктура, животна средина и управување со масовниот туризам. Пренатрупаноста на дестинациите како Миконос, каде што само за еден ден во август 2024 имало над 20.000 патници од осум бродови, е јасен показател за итна потреба од нов систем.

Во план е и воведување на дигитален систем за резервации на места за крстосувачки бродови, кој треба да овозможи подобро управување со бројот на посетители – предлог што сè уште чека одобрување во грчкиот парламент.