Skip to main content
Скопје

(Видео) Основците од Карпош ќе се едуцираат како да се однесуваат кон своите соученици со попречености

12/05/2025  12:45

Во организација на Секторот за дејности од јавен интерес при Општина Карпош и невладината организација „Пркос“, денеска во ООУ „Димо Хаџи Димов“ се одржа промотивен настан во чии рамки беа презентирани печатени материјали и информативно видео од едукативен карактер, наменети за основците од Карпош. Станува збор за брошура, постер и промотивно видео насловено како „10 совети  за учтиво однесување со деца со пореченост“  чиј автор е НВО „Пркос“, која е лоцирана на територијата на локалната самоуправа.

Печатените материјали и информативното видео ќе бидат достапни и употребливи за учениците од сите основни училишта во Карпош кои во рамки на образовната настава ќе се едуцираат, како најсоодветно да се однесуваат и притоа да ги вклучат своите соученици со попреченост во инклузивниот процес. Во таа насока, Општина Карпош финансиски ги покри трошоците за изработка на печатените материјали и информативното видео. На денешниот промотивен настан присуствуваа стручните соработници од основните училишта во Карпош, претставниците од НВО „Пркос“, како и вработените од Секторот за дејности од јавен интерес.

Од аспект на инклузивноста, Општина Карпош посветува особено внимание преземајќи низа мерки за подобрување на условите за престој и образование на дечињата со попреченост. Во тој поглед, во сите 10 основни училишта во Карпош работат комплетирани тимови со стручни соработници (педагог, психолог, специјален едукатор, рехабилитатор и социолог). Во училиштата функционираат и седум т.н. ресурсни соби, 54 образовни асистенти и два лични асистенти. Во образовните установи во Карпош се инсталирани и т.н. „инклузивни“ тоалети, а во текот на наставата се применуваат и асистивни уреди (информатичка опрема за децата со попреченост.