Skip to main content
Македонија

ДУИ повторно побара предвремени избори и порача дека Владата е моноетничка

12/05/2025  11:31

ДУИ утрово преку соопштение порача дека владата предводена од Христијан Мицкоски не успеала да ја одржи функционалноста на меѓуетничката демократија – главниот столб на долгорочната стабилност на државата. ДУИ, исто така, смета дека „со заминувањето на уште еден албански партнер, политичкото мнозинство без етнички легитимитет се трансформираше во моноетничка влада“.

„Наместо да се прифати реалноста дека граѓаните бараат предвремени избори, ароганцијата и агресивноста веќе се демонстрираат на терен преку уцени, инсценирање и поткуп. На јавната сцена, владини претставници упатуваат закани дека „правдата ќе биде спроведена“ врз оние што го критикуваат премиерот, додека зад сцената се одвива срамна уцена врз пратениците, функционерите и администрацијата – Албанци, Турци и други претставници на немнозинските заедници, со цел да се обезбеди некаков вид лажна мултиетничка поддршка за оваа влада“, додаваат од ДУИ.

Според партијата на Али Ахмети, овие очајнички обиди да се добие некаков легитимитет ќе пропаднат, но ќе остават зад себе длабоки последици во меѓуетничките односи.